Не треба да биде изненадување што администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, чија доктрина за надворешната политика гласи, „Америка на прво место“, во голема мера го потцени значењето од победата на коронавирусот во странство за американската безбедност, пишува Филип Гордон во неговата колумна за „Форин аферс“.
Трамп беше бавен во препознавањето дека САД не можат да се изолираат од вирусот. На 26 февруари претседателот предвиде дека бројот на заразени Американци наскоро ќе се намали „близу до нула“, додека економскиот советник на Белата куќа Лери Кадлоу инсистираше дека САД ја „задржале“ заканата, бидејќи границите биле „безмалку херметички затворени“. Но, извесно е дека американските граници не беа затворени херметички и САД сега го имаат најголемиот број на пријавени случаи на ковид-19 во светот.
– Со зголемувањето на бројот на случаи администрацијата на Трамп и локалните власти воведоа агресивни превентивни мерки. Но Вашингтон уште не презема доволно за спречување на ширењето на болеста надвор од границите на Америка. Во некои случаи, дури, администрацијата ускрати странска помош и ја отфрли дипломатијата, и покрај нивната неопходност. Безбедноста и здравјето на американскиот народ со право се приоритети на американската влада, но тесното насочување кон борбата против вирусот дома, додека се дозволува негово ширење во странство е кратковидо, како фокусирањето на борбата со пожарот во еден дом, кога целото соседство е во пламен – пишува Гордон.
Трамп инсистира дека тој е претедател на САД… не претседател на другите држави и дека „ние треба да се фокусираме на оваа држава“, додека „тие работат во нивните држави“. Неговиот пристап прави превид на фактот што претрпениот пораз против пандемијата во странство ја подрива способноста за нејзино ставање под контрола, и враќањето на животот во САД во нормала. Тоа е цената на „Америка на прво место“, се наведува во колумната.
– Пореална опција за САД е да ги предводат меѓународните напори за ставање крај на пандемијата. Постои преседан за такво лидерство, не само во време на војна, туку и на полето на светското здравје. Но во сегашната криза САД не покажаа такво лидерство. Загубено е значително време, како и повеќе можности, но администрацијата на Трамп и Конгресот се уште можат да дејствуваат. Но прво треба да препознаеме дека Американците ќе бидат безбедни само тогаш кога целиот свет е безбеден, заклучува Гордон.