Директорката на агенцијата за јавно здравје на Европската Унија, Андреа Амон, денеска изјави дека давањето засилена т.н. бустер-доза на вакцината против ковид-19 треба да се земе предвид за сите возрасни, со приоритет за оние постари од 40 години.
Препораките издадени од Европскиот центар за превенција и контрола на болестите (ЕЦДЦ) не се обврзувачки за владите на ЕУ, но се користат за донесување одлуки во врска со здравствената политика, наведува „Ројтерс“.
Во претходното упатство, издадено во септември заедно со Европската агенција за лекови (ЕМА), ЕЦДЦ соопшти дека нема итна потреба да се даваат дополнителни дози на целосно вакцинирани лица во општата популација, но предложи да се разгледаат дополнителни дози за лицата со послаб имунолошки систем и дека тие може да се користат како мерка на претпазливост за постарите со кревко здравје.