Австриската влада во разговори со покраините одлучи од понеделник, сите граѓани, а не само невакцинираните, да бидат под клуч.
Состојбата со коронавирусот во Австрија е загрижувачка без оглед на строгата мерка за затворање на невакцинираните лица, пишуваат тамошните медиуми. Бројот на новозаразени постојано расте, а исто е и со болниците кои се пред колапс.
Според медиумите, одлуката за десетдневното заклучување денеска ќе ја соопшти австрискиот канцелар Александар Шаленберг. Според планот, заклучувањето би можело да се продолжи најмногу за уште 10 дена.
По 20 дена затворање, невакцинираните сè уште ќе бидат во заклучување. Училиштата нема да работат, ќе имаа само служба за згрижување деца чии родители не можат да се грижат за нив поради работа.
Во своето обраќање до нацијата, Шаленберг ќе побара солидарност од вакцинираните граѓани. Во Австрија се водат дискусии за воведување задолжителна вакцинација против коронавирус.
Од јануари следната година, според „Кронен цајтунг“, би можел да стапи во сила закон со високи казни за оние кои не сакаат да се вакцинираат. Ова ќе ја направи Австрија првата земја во ЕУ која ќе воведе општа обврска за вакцинација против коронавирус.