Од понеделникот во Австрија е ограничено движењето на невакцинираните од ковид-19, а новата мерка веќе дава ефект, вели канцеларот Александар Шаленберг.
– Половина милион вакцинирани во Австрија за една недела, од објавувањето на забраната за невакцинирање, токму тоа сакавме да го постигнеме – вели тој, според написите на медиумите во регионот.
Австријците кои немаат валиден сертификат за вакцинација, потврда за прележан ковид-19 не постар од 180 дена, од понеделникот не можат да влегуваат на сите места. Сите невакцинирани луѓе со новата одлука можат да го напуштат домот само за да одат на работа, да посетат лекар, да одат во аптека, за физичко и психичко закрепнување или на прошетка, како и за да им помогнат на другите. Тоа им оневозможува целосно да одат во ресторани, барови, дискотеки, но и на концерти или во кино, што сепак е можно само за вакцинираните и излекуваните од коронавирус.
Австријците за почеток решија да го ограничат движењето на невакцинираните до 24 ноември.
Шаленберг, кој неодамна го замени Себастијан Курц, признава дека тоа е тешка мерка која владата не ја усвои лесно, со оглед на тоа што дел од населението е „делумно лишено од слобода“.
– Не се работи за дискриминација. Владата ангажираше правни и уставни експерти. Целта е да се вакцинираат невакцинираните, а не обратно, односно вакцинираните да бидат затворени – рече канцеларот и додаде дека не може ни да замисли дека две третини од општеството ќе се согласат на карантин од солидарност со невакцинираните.
Австрија се одлучи за новата мерка бидејќи смета дека единствената шанса да се излезе од магичниот круг на пандемијата е да се зголеми стапката на вакцинација.
Дел од медиумите во регионот пренесуваат дека во Австрија владее паника бидејќи седумдневната инциденца се зголемила на 892,7 случаи на 100.000 жители.
Клиниките во Салцбург најавиле дека се преоптоварени и дека ќе треба да изберат кои пациенти ќе ги згрижат.