Нов Зеланд и Австралија, познати по раните знаци на успех во борбата против ширењето на коронавирусот, објавија дека е премногу рано да се започне со ублажување на правилата за социјална дистанца или за покренување на економијата.
Стапката на заразени случаи значително се намали во двете земји без да се оптоварува капацитетот на нивните здравствени системи.
Нов Зеланд наметна широко распространет карантин, а Австралија истотака строго ограничи многу активности.
Нов Зеланд објави петти смртен случај со коронавирус, но бројот на заболени во земјата од 5 милиони се зголеми за само 15 лица. Во Нов Зеланд сега се потврдени вкупно 1064 заразени лица.
Според австралиското Министерство за здравство, бројот на заразени во понеделникот се зголемил за 33 случаи, најбавната стапка во месецот и помалку од една десетина од заразените пред две недели.
Австралија досега пријави 6.322 случаи на заразени и 61 смртен случај.
Министерот за здравство, Грег Хант, изјави дека е премногу рано да се олеснат ограничувањата и покрај надолната крива на заразените.
– Сега е време да се движиме во истата насока, да продолжиме со изолација и социјална дистанца. Тоа овозможи вистинско намалување на стапката на раст – рече Хант во телевизиското обраќање.
Австралија постави најстрог карантин за време на велигденските празници. Хеликоптерите и полициските контролни пунктови ги спречуваат луѓето да не ги кршат патните забрани или правилата за јавно собирање.
Премиерот на Нов Зеланд, Јакинда Ардерн изјави дека одлуката дали ќе се продолжи со карантинот и вонредната состојба, објавена на крајот на март, ќе биде донесена на 20 април.