Австралија бара од Европската комисија да ја преиспита одлуката за блокирање на испораката на вакцините на „Астра зенека“ во таа земја, пренесува „Ројтерс“.
Европската комисија и Италија вчера ја блокираа испораката на околу 250.000 дози вакцини на „Астра зенека“ во Австралија, бидејќи тој производител не ги исполнил обврските од договорот со ЕУ.
– Австралија го покрена прашањето пред Европската комисија преку неколку канали и конкретно побара да се преиспита одлуката – рече австралискиот министер за здравство, Грег Хант.
Тој рече дека Австралија веќе примила 300.000 дози вакцини на „Астра зенека“ и додаде дека процесот на вакцинација не е загрозен. Австралија започна со имунизација пред две недели со вакцинирање на медицински работници и постари граѓани со вакцината на „Фајзер“.