Шпанија предложи државите членки на ЕУ да создадат фонд од 1,5 трилиони евра за да им помогнат на членовите на блокот кои се најтешко погодени од пандемијата на коронавирус, се вели во интерен документ на шпанската влада.
        
Италија и Шпанија се меѓу најтешко погодените земји-членки на ЕУ во пандемијата, со најголем број потврдени случаи на заразени и регистрирани смртни случаи во европскиот регион.
        
Во документот, до чијјашто содржина имал увид Асошиејтед Прес, се наведува дека новиот фонд за економско закрепнување може да биде составен од грантови од земјите-членки за да не се зголеми нивото на јавниот долг. Фондот треба да се финансира преку „траен долг на ЕУ“, се вели во документот.
       
Шпанскиот премиер, Педро Санчез, има намера да разговара за предлогот за време на состанокот со лидерите на ЕУ во четврток, изјави владин претставник кој побара да остане анонимен.