Легендата на украинскиот фудбалер и нивни актуелен селектор, Андриј Шевченко вели дека ситуацијата со КОВИД-19 вирусот го потсетува на нуклеарната катастрофа во Чернобил во 1986 година.
Шевченко, кој е во само-изолација во Англија, каде што живее, исто така ги нарече здравствените работници „вистински херои на нашето време“. Поранешниот фудбалер на Милан и Челси мораше да се иссели од својот дом во Киев на 9 години по нуклеарната катастрофа во Припјат во 1986 година.
– Сега сум во близина на Лондон, живеам во предградијата и сум во само-изолација веќе десет дена. Го преживуваме овој тежок момент со надеж дека работите ќе бидат подобри. Единствено што можеме да правиме е да ги следиме препораките, да останеме дома и да им дадеме шанса на лекарите и на хероите од нашето време да ја завршат работата. Јас преживеав слична ситуација кога имав девет години и се случи Чернобил. Не смееме да правиме глупави работи и да мислиме само на себеси – вели Шевченко во интервју за „Скај спорт Италија“.