Постарите лица можеби ќе треба да останат во изолација до следната година за да се заштитат од коронавирусот, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
– Треба да го ограничиме контактот со постарите лица, колку што е можно, се додека не се развие вакцината за ковид-19 – рече таа.
Повеќето експерти веруваат дека вакцината за вирусот нема да биде подготвена за масовно производство најмалку уште една година.
Фон дер Лејен вели дека ги разбира сите тешкотии на изолацијата, но истакнува дека „кога станува збор за живот и смрт, ние мора да останеме дисциплинирани и трпеливи“.
Според неа, децата и младите ќе можат да уживаат поголема слобода на движење пред постарите граѓани и оние кои веќе имаат некакви здравствени проблеми. Таа се надева дека европска лабораторија ќе ја развие вакцината против ковид-19 до крајот на годината.