Се зголемува притисокот врз администрацијата на Трамп за ослободување на мигрантите од установите каде што се задржани, откако барем еден од тестираните беше позитивен на ковид-19, пренесува Глобал њуз. Сето тоа е поради страв дека малите простории во кои се сместени голем број луѓе и севкупните услови можат да придонесат за брзо ширење на вирусот.
САД држат околу 37.000 мигранти во притвор. Притворениците и нивните застапници велат дека многумина се во ранливите групи поради возраста и нивната здраствена состојба. Тие честопати престојуваат во отворени простории, кревети оддалечени три метри и не располагаат со соодветни маски или други заштитни средства.
– Невозможно е да се остане смирен. Луѓето паничат. Луѓето се плашат – вели Италијанецот Марко Батистиоти кој е меѓу 170-те лица кои задржани во затворот на округот Кејп Код во американската сојузна држава Масачусетс.
Батистиоти е меѓу 100-те притвореници кои потпишале писмо објавено од локален адвокат за имиграција, во кое детално се опишани условите внатре. Тие побарале да бидат ослободени и така да ги чекаат одлуките за нивните случаите за имиграција.
– Не сакам да умрам во затвор. Зошто не можам да се борам за мојот случај однадвор – изјавил тој во телефонското интервју за „Асошиејтед прес“.
Агенцијата, која во вторникот извести за позитивен тест на 31-годишен маж од Мексико, кој е во прифатниот центар во округот Берген во Њу Џерси, објави мерки за заштита на притворените мигранти и персоналот од вирусот, но не соопшти дали ќе се разгледува можноста за евентуално ослободување поради ширењето на вирусот.
Американската администрацијапретходно објави дека „привремено ќе ги прилагоди“ операциите за да се фокусира на апсење на луѓе кои претставуваат ризик за јавната безбедност или се подложени на задолжителен притвор поради криминално досие.
Адвокатите кои ги застапуваат мигрантите, вклучително и Американската унија за граѓански слободи, покренуваат тужби во Калифорнија, Мериленд, Пенсилванија и на многу други места, барајќи судски налози за итно ослободување на лицата од притвор поради миграција, особено на оние кои спаѓаат во ризични заради нивната возраст или здраствената состојба.