Пазарот во кинескиот град Вухан е сè уште најверојатната почетна точка за пандемијата ковид-19, изјавија членовите на Светската здравствена организација.
Претседателот на невладината организација „Алијанса за здравје на животната средина“, д-р Питер Дашак, рече дека стручниот тим идентификувал безбедна врска помеѓу пазарот во Вухан и регионот каде што кај лилјаците се пронајдени соеви слични на коронавирусот.
Според него, теоријата дека вирусот се проширил на домашните животни и дека така пристигнал на пазарот во Вухан е можност што најмногу ја разгледуваат научниците на СЗО и нивните колеги во Кина.
Научниците наведуваат дека не нашле докази што би ги поддржале теориите дека болеста пристигнала од три вирусолошки лаборатории во Вухан и дека имаат пристап до сите три институции, пренесуваат медиумите.
Извештајот на тимот на СЗО беше критикуван од Соединетите Американски Држави, кои изразија загриженост за можноста кинеската администрација да се меша во истрагата за потеклото на ковид -19 во Вухан.