Десетици вооружени демонстранти парадираа во саботата низ улиците на Роли, главниот град на американската сојузна држава Северна Каролина, во знак на протест против мерките за изолација, пренесува „Бизнис инсајдер“.
Фоторепортерот Тревис Лонг објави на Твитер фотографија од демонстранти кои носат пушки и пиштоли, а еден од нив беше фотографиран како нарачува храна во ресторан од синџирот за брза храна „Сабвеј“, додека на него има оружје што наликува на АТ-4, противтенковски ракетен фрлач.
Демонстрантите протестираа против наметнатите мерки за изолација кои според нив, веќе треба да бидат ублажени, за работниците да се вратат на работа и економијата полека да живне.
Протестот бил организиран преку фејсбук-групата „Сино Игло“, а според нив, протестот бил „можност за приврзаниците на првиот и вториот амандман да се соберат, да запознаат луѓе од заедницата и да се раздвижат надвор додека сите си го трошат времето беспотребно по дома“.
Според снимката од демонстрациите, лицето со противтенковскиот ракетен фрлач, пред да влезе да ја направи нарачката, прашало за дозвола, уверувајќи ги вработените дека не се обидува да исплаши никого.
Бројот на заразени од ковид-19 во Северна Каролина изнесува 15.000 случаи, додека бројот на смртни случаи од вирусот изнесува 550, заклучно до 10 мај. Овој вооружен протест не е првиот протест што отвори широка дискусија, предизвикувајќи критики. Сличен протест одржан во главниот град на сојузната држава Мичиген на 30 април, исто така привлече големо внимание.