Илегалните мигранти, кои беа ставени во карантин на бродот „Моби Заза“ откако стигнаа во Италија како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот, се проценува дека ги чинат италијанските даночни плаќачи повеќе од 4.000 евра месечно по човек, пренесува „Ил џорнале“.
На траектот, кој треба да биде закотвен на три до пет километри од брегот од сицилијанскиот град Порто Емпедокле, има околу 250 лица, вклучувајќи 35-член медицински персонал за да им помогне на мигрантите кои ќе бидат ставени во карантин за да се потврди дека не се заразени од вирусот.
Алесандро Пагано, член на „Лига“ на Матео Салвини откри дека владата ѝ дала повеќе од милион евра на компанијата „Моби Лајн“ за изнајмување на траектот од нив.
– Компанијата „Моби Лајн“ ќе добие помеѓу 900 илјади и 1,2 милиони евра: значи околу 4.210 евра месечно по мигрант – рече тој.
– Тука не зборуваме за бротче, туку за брод опремен со ресторан за самопослужување, пицерија, сладоледџилница, паб со специјален асортиман на вино, простории за игра и видеосала, двокреветни и четворокреветни кабини, па дури и луксузни апартмани. Сето ова додека италијанските семејства и бизниси се на колена поради сериозната економска криза предизвикана од пандемијата на ковид-19 – додаде Пагано.
Италија забележа нов мирантски бран во последните неколку недели и покрај мерките за изолација поради коронавирусот кои ги донесе владата на премиерот Џузепе Конте.