Пребегнатиот Ким Геум-хијок кој пливајќи се врати во Северна Кореја, што доведе до воведување на карантин во Каесонг, е баран во Јужна Кореја каде што е обвинет за силување, пишува „Њујорк тајмс“.
Пред три години, тогаш 21-годишниот Ким Геум-хијок, се искачи на планината Паекту во близина на неговиот роден град Каесонг, откаде што можеше да ги види јужнокорејските висококатници кои се протегаа преку реката Хан што ги разделува Северна и Јужна Кореја.
По две ноќи поминати на планината, Ким го премина граничниот премин обезбедуван под тешко вооружување за да избега од Северна Кореја.
– Пливав кон светлината. Кога дојдов на страната на Јужна Кореја и ги видов јужнокорејските војници бев преморен и се срушив – кажа Ким, кој поминал седум и пол часа во вода, во неговото интервју по бегството.
Месецов, по три години поминати на Југот, Ким се врати назад, пливајќи преку истата река што ја премина во 2017 година, според јужнокорејските власти. Во неделата, Северна Кореја соопшти дека постојат сомневања оти Ким го донел коронавирусот во државата и го стави неговиот роден град Каесонг во карантин.
Следниот ден, јужнокорејската полиција соопшти дека пред Ким да се врати на Север, бил издаден налог за негово апсење под обвиненија за силување.
Северна Кореја не го идентификуваше Ким во соопштението. Јужна Кореја истакна дека тој е единствениот пребегнат што се вратил во Северна Кореја месецов. Не беше објавено неговото полно име, но имаше доволно информации за медиумите да го утврдат неговиот идентитет.
Неколку недели пред враќањето Ким даде повеќе интервјуа, зборувајќи за живеењето во Северна, но и во Јужна Кореја. Неговата приказна е невообичаена, не само поради враќањето назад, туку и поради начинот на бегство преку реката.
Сепак, враќањето на пребегнатите во Северна Кореја е реткост. Тоа го сториле вкупно 11 луѓе во последните пет години, според властите во Јужна Кореја.
Настрана од интервјуто, тој им кажа на новинарите со кои разговараше, дека жена што исто така пребегнала од Северна Кореја го обвинила за силување. Згора, кажал дека не се сеќава на вечерта за која бил обвинет, бидејќи бил пијан.
Не е познато што се случило со Ким откако се вратил во Северна Кореја. Тамошните власти кажаа дека тој е во карантин, обвинувајќи го за создавање на „опасна ситуација во Каесонг, што би можела да доведе до смртоносна катастрофа“.