Лидерот на италијанската партија Лига, Матео Салвини, ја нападна министерката за образование, Лучија Ацолина, нарекувајќи ја неспособна да се справи со последиците од пандемијата на коронавирусот, пренесува „Кориере дела сера“.
На изборниот митинг во јужниот италијански град Трани, Матео Салвини ги истакна, според него, апсурдните мерки предложени од Ацолина – член на Движењето Пет ѕвезди – за повторно отворање на италијанските училишта.
Неизбраната влада на Италија под премиерот Џузепе Конте утврди дека децата може да се вратат на училиште на 14 септември, но само со почитување на серија драконски мерки.
– Пред еден месец – не како сенатор, туку како татко – ја прашав министерката Ацолина, која вчера ме нарече троглодит и кловн: Во септември во кое време ќе ја одведам ќерка ми на училиште, во кое време ќе ја земам, колку дена ќе оди на училиште, каде ќе јаде, каде ќе вежба, со колку други деца и со колку наставници?
Ѝ реков дека ако ги принудат мојата 7-годишна ќерка и вашите деца да одат на училиште затворено во плексиглас, да носат маски и да седат во клупи на тркала, јас не ја испраќам ќерка ми на училиште. Нашите деца не се поштенски пратки – истакна Салвини.
Салвини исто така даде објаснување за сексистичките обвиненија од страна на министерката Ацолина.
– Министерката обожава да каже дека Салвини има проблем со неа затоа што е жена. Не, имам проблем со неа не затоа што е жена, туку затоа што е неспособна да си ја заврши работата – посочи Салвини.