Порано ретко кој се прашуваше кој е производител на вакцините против низа смртоносни заболувања. Но ковид-19 го смени тоа, правејќи брендови од произведувачите на вакцини и поттикнувајќи повици за избор на вакцините, пишува „Блумберг“.
Моментно има недостиг на вакцини, а глобалната трка се вжешти поради спорот помеѓу Европската Унија и британската фармацевтска компанија „Астра зенека“. Повеќето од 90-те милиони луѓе кои досега примија вакцина против ковид-19 можат да се сметаат за среќни. Но се зголемува бројот на вакцини кои се одобрени за употреба, со што кандидатите на „Џонсон и Џонсон“ и „Новавакс“ се следни кои треба да добијат зелено светло по успешните тестирања.
Многумина кои ги следат информациите за ефикасноста на вакцините, роковите за нивно примање и нуспојавите сакаат сами да одлучат која вакцина ќе ја примат.
– Бараме од владата да им овозможи на луѓето слобода на избор, кажа Гергели Арато, член на опозициската партија на Демократската коалиција во Унгарија, откако државата ги одобри руската вакцина „спутник 5“ и онаа на кинеската компанија „Синофарм“, покрај трите вакцини одобрени од регулаторот на ЕУ – на „Фајзер“, „Модерна“ и на „Астра зенека“.
Здравствените власти во одредени држави им нудат избор на своите граѓани во врска со вакцината која ќе ја примат. Надлежните во Хонгконгк нарачале доволно дози од „Фајзер“, „Синовак“ и од „Астра зенека“ за имунизација на населението од 7,5 милиони.
Вакцината на „Фајзер“ ќе биде достапна во центрите за вакцинација, додека оние на „Синовак“ и на „Астра зенека“ ќе бидат понудени на привантните болници и клиники, а народот ќе има избор за тоа која вакцина сака да ја прими.
– Ако жителите не сакаат да примат одредена вакцина, тие можат да изберат да се вакцинираат на друга локација во друг период – кажа лидерката на Хонгконг, Кери Лам, во декември минатата година.
Но ограничените залихи во поголемиот дел од светот го оневозможува изборот. Оние кои се вакцинираат честопати немаат претстава која вакцинаќе ја добијат, се додека не влезат во центарот за вакцинација. Ситуацијата би можела да се смени доколку бидат одобрени нови вакцини, како оние на „Џонсон и Џонсон“, „Новавакс“ и „Кјурвац“. А здравствените власти се тие кои одлучуваат кој ќе прими каква вакцина, дури кога не е можен личен избор, се заклучува во анализата на „Блумберг“.