Моќноста на вирусот се намали за повеќе од 90 проценти кога беше изложен на ниско ниво на озон во текот на 10 часа
Јапонските научници со
ново откритие за ковид-19
Охрабрувачка информација доаѓа деновиве од круговите на јапонските научници, кои се на фронтот во борбата против коронавирусот. Имено, во средата беше соопштено дека, според нивните истражувања, ниската концентрација на озонот може да ги неутрализира честичките на коронавирусот, што би можело да им користи на болниците за дезинфекција на просториите.
Научниците при Здравствениот универзитет во Фуџита на прес-конференција изјавија дека докажале дека гасот озон со концентрација од 0,05 до 0,1 честички на милион, ниво што се смета за безопасно за луѓето, може да го убие вирусот.
Во експериментот е користен генератор на озонот во затворена комора со примерок на коронавирусот. Моќта на вирусот била намалена за повеќе од 90 проценти при изложеноста на ниско ниво на озон во тек на 10 часа.
– Пренесувањето на новиот коронавирус може да се намали со континуиран третман на озон со мала концентрација, дури и во средини каде што луѓето се присутни, користејќи го овој вид систем. Откривме дека тоа е особено ефикасно во услови на висока влажност – истакна Такајуки Мурата, научникот што ја водеше студијата.
Познато е дека озонот, кој е еден вид молекула на кислородот, елиминира многу патогени, а претходните експерименти покажале дека високите концентрации, помеѓу 1 и 6 честички на милион, се ефикасни против коронавирусот, но се потенцијално токсични за луѓето.
Една неодамнешна студија при Институтот за технологија во американската сојузна држава Џорџија покажа дека озонот може да биде ефикасен и при дезинфекција на заштитните костими, очилата и другата заштитна медицинска опрема.
Во Универзитетската болница во Фуџита во префектурата Аичи, централна Јапонија, биле поставени озонски генератори за озон за намалување на инфекцијата во чекалниците и во просториите за пациенти.