Фармацевстската компанија „Мерк“ пред 35 години пронајде револуционерна терапија за онхоцеркијаза, позната како речно слепило и Роблесова болест, што ја измачуваше Африка. Компанијата донираше милијарди дози лекови, но малкумина слушнаа за лекувањето на тропската болест, се до годинава. Станува збор за антипаразитскиот лек „инвермектин“, за кој се раширија бројни приказни во пандемијата, а во врска со кои се покажа оти компанијата „Мерк“ е речиси беспомошна. Многумина веќе го прифатија „инвермектинот“ како лек против ковид-19, наспроти недостигот на научни докази, пишува „Блумберг“.
– „Мерк“ неодамна го осмисли лекот против ковид-19 „молнупиравир“ за кој се надева дека наскоро ќе стане клучен во борбата против пандемијата, наспроти справувањето со дезинформациите што можат да го подријат користењето на новите лекови. Компанијата се наоѓа во невообичаена ситуација во која треба да ја убеди јавноста дека „молнупиравир“ функционира против ковид-19, односно дека „инвермектин“ не помага – наведува американската агенција.
Фармацевтската индустрија засега не најде ефективни начини за справување со дезинформациите. „Мерк“ прими удар кога стана јасно дека луѓето ги полагаат надежите во „инвермектин“ и помалку неочекувано објави соопштение за употребата на лекот, велејќи дека нема докази за неговата ефективност против коронавирусот, како и дека постои недостиг на податоци. Продажбата на „инвермектин“ забележа раст и покрај соопштението.
Поддржувачите на теориите на заговор сугерираат дека „Мерк“ свесно го намалува значењето на „инвермектинот“ (20 таблети чинат 35 долари), со цел да ја поттикне употребата на „молнупиравир“ за кој од американската влада наплаќа 700 долари за терапија од 40 таблети. „Мерк“, пак, заработува помалку од еден отсто од употребата на „инвермектин“ во САД, според финансиските податоци. „Фајзер“ која исто така разви лек против ковид-19, за кој се надева дека наскоро ќе биде одобрен, се соочува со слични неосновани тврдења. А ваквата ситуација ја нагласува ранливоста на фармацевтските компании на дезинформации и ограничените можности во борбата против невистините, заклучува „Блумберг“.