Околу еден милион луѓе се пријавиле за вакцинација откако францускиот Ппретседател Емануел Макрон во обраќање до нацијата најави воведување на дополнителни мерки за заштита од коронавирусот.
Макрон порача дека здравствените работници во земјата мора да бидат вакцинирани до 15 септември или ќе сносат последици. Вакцинацијата за сите останати засега нема да биде задолжителна, но со новите мерки се предвидуваат ограничувања за сите кои не се имунизирани. Мерките предвидуваат влез во ресторани, трговски центри, и болници да биде ограничено само на лица кои се вакцинирани или имаат негативен тест на ковид-19. На ист начин ќе биде ограничено и патувањето со авиони и возови.
– Само лицата вакцинирани и тие кои имаат негативен тест ќе можат да влезат во овие места, без разлика дали се клиенти, корисници или вработени. Според евалуацијата на состојбата ќе се постави прашањето за проширување на здравствениот пасош кон други активности. Оваа есен, ПЦР тестови ќе се плаќаат, со исклучок на медицински рецепт, со цел да се поттикне вакцинацијата, наместо да се зголемува бројот на тестови – рече Макрон.
Покрај Франција, нови рестриктивни мерки најавува и Холандија која во саботата регистрираше над 10 илјади заболени, што е и највисока дневна бројка од декември. Токму тоа го поттикна холандскиот премиер Марк Руте јавно да се извини поради тоа што мерките биле пред време укинати.