Една француска болница повтори тестови на стари примероци на пациенти кои боледувале од пневмонија и откри дека еден од нив имал коронавирус, а се лекувал во болницата во декември минатата година.
Тоа е еден месец пред француската влада да ги потврди првите официјални случаи на коронавирус.
Ив Коен, шеф на болницата во северен Париз, за телевизијата БФМ изјави дека научниците го повториле тестирањето на примероци од 24 пациенти третирани во декември и јануари, а кои биле негативни на грипот.
– Секој примерок беше повторно тестиран за да се елиминира можноста од грешка – додаде тој.
Во Франција од 1 март починаа скоро 25.000 луѓе од коронавирус, а првите три случаи беа потврдени на 24 јануари.
Коен вели дека е рано да се каже дали пациентот чиј тест на примерок од 27 декември бил позитивен е францускиот нулта пациент.
– Сопругата на пациентот работела во близина на штанд со суши, блиску до колеги со кинеско потекло. Сепак, не е познато дали овие луѓе отпатувале за Кина и тоа треба да го испитаат локалните институции – рече Коен.