Освен потребата за медицински професионалци, која е речиси хронична, мерките што се преземаат за заштита од ширењето на коронавирусот уште повеќе го нагласија недостигот, или подобро кажано побарувачката, од некои нови, но и од некои класични професии
Како што се интензивираат загриженоста и потрагата по решенија за надминување на здравствените предизвици што, како од никаде, ги создаде коронавирусот, така и сѐ поприсутни се размислувањата за економските последици што неизбежно следуваат по драстичните промени во начинот на функционирањето на стопанските дејности во глобалниот карантин. Светските и националните економии веќе прогласуваат и изнесуваат проекции за рецесија, а веројатно првата економска реакција на корона-кризата е затворањето односно принудната пауза на многу стопански дејности, што логично повлече и затворање на многу работни места, но и истакнување на недостигот од кадар во одредени професии.
Најтешкото соочување на светската заедница во времето на пандемијата на коронавирусот, беше огромниот дефицит на медицински персонал, пред сѐ на медицински сестри и техничари.
Во светот има недостиг од најмалку 5,9 милиони медицински сестри, се наведува во извештајот на Светската здравствена организација.
– Во светот има нешто помалку од 28 милиони медицински сестри и техничари. Од 2013 до 2018 година, бројот пораснал за 4,7 милиони. Сепак, дефицитот на медицински сестри и техничари во целиот свет и понатаму постои и изнесува 5,9 милиони. Најголем недостиг се бележи во Африка, Југоисточна Азија, во источниот медитерански регион, како и во земјите на Латинска Америка – се истакнува во извештајот на СЗО.
Според извештајот, во земјите што се соочуваат со проблемот на медицинските кадри, потребно е да се зголеми бројот на лицата што се образоваат за медицински сестри и техничари, за осум отсто годишно.
– Политичарите знаат колку чини образованието и задржувањето на професионалните кадри на медицински техничари во нивните земји. Меѓутоа, многумина од нив дури сега вистински ја сфаќаат вистинската вредност на таквиот персонал. Секој долар вложен во развојот на медицинските сестри се враќа преку здравјето и благосостојбата на луѓето и на семејствата – вели Анет Кенеди, претседателката на Меѓународниот совет на медицински сестри.
Освен потребата за медицински професионалци, која е речиси хронична, а сега за време на глобалната пандемија е издигната на најбарана професија на светскиот пазар на трудот, мерките што се преземаат за заштита од ширењето на коронавирусот уште повеќе го нагласија недостигот, или подобро кажано побарувачката, од некои нови, но и од некои класични професии.
– Уште во првите мигови кога светот се соочи со неопходноста од карантинските мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, на пазарот на трудот тоа се манифестираше со најголема потреба од професиите во доменот на информатичката технологија: дигитални програмери, дигитални продавачи, комерцијалисти, односно оние што се занимаваат со онлајн-продажба. Во оваа категорија ги ставам и дигиталните графички дизајнери… Потребата од изолација, можеби одненадеж, создаде и други навики кај населението, па и повозрасните граѓани, кои можеби до карантинот имаа отпор спрема дигиталните алатки и можности за комуникација и финансиско функционирање, сѐ повеќе се интересираат и учат вештини за нивно користење.
Покрај дигиталните професии, корона-кризата создаде и тренд на потреба од луѓе што ќе извршуваат сервисни услуги, логистика и комуникација, професионалци за лична нега (пред сѐ на повозрасни луѓе во домовите за стари лица), како и професионалци за психолошка помош. И по завршувањето на корона-кризата, сменетите навики на функционирање на населението ќе го продолжат овој тренд на побарувачка на пазарот на трудот за професионалци од овој вид, па оние што ја водат економијата, треба да бидат паметни и во своите проекции за развој по кризата да го искористат ваквиот тренд – вели Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавци.
Но овој тренд како сѐ уште да не се отсликува на пазарот на трудот во Македонија, барем не на официјалниот. Имено, од Агенцијата за вработување нѐ информираа дека до 16 април биле огласени 5.000 слободни работни места од страна на работодавците и дека во време на вонредна состојба постојано ја ажурираат својата веб-страница според тековниот интерес и потреба за одредени работни места.
– Бројот на објавени слободни работни места постојано се менува и податоците на веб-страницата постојано се ажурираат. Во моментов (16.4.2020 година), се огласени речиси 5.000 слободни работни места од страна на работодавците. Во однос на занимањето, а во зависност од степенот на потребно знаење, односно образование, работодавците искажале потреба од работници и огласиле слободни работни за занимањата продавач, општ работник, столар, градежен работник, армирачки работник, бравар, работник во високоградба, оператор во контакт-центар, шивач, шивач на текстил, возач на такси, возач на камион, програмер и др. Најголем број слободни работни места се огласени и евидентирани во Центарот за вработување на Град Скопје (околу 3.000 слободни работни места), но исто така работодавците огласиле слободни работни места и во центрите за вработување во Тетово, Куманово, Виница, Штип, Охрид и др.
Според претежната дејност на работодавецот, најголем број од слободните работни места се огласени во преработувачката индустрија, во дејноста трговија на големо и трговија на мало во дејноста градежништво и во дејноста транспорт и складирање, потоа во дејноста административни и помошни услужни дејности, информации и комуникации и др. – е наведено во одговорот на Агенцијата за вработување на прашањето на „Нова Македонија“.
Сепак, според мислењето на светските експерти, на пазарот на трудот, најбарани ќе бидат професионалците од ИТ-секторот. Но секако, како што прогнозираат, и понатаму барани ќе бидат луѓето со средно стручно образование – како бравари, водоинсталатери, електричари… Исто така, претпоставките упатуваат дека пандемијата може да доведе и до појава на нови професии, како на пример во областа на безбедноста на храната. Нема да бидат потребни само агрономи, туку и експерти што ќе можат да предвидат и колкави ќе бидат приносите…. Експертите нагласуваат и дека во овој период на глобално „мирување“, луѓето можат да почнат да се усовршуваат преку интернет, да се запишуваат на курсеви или тренинзи за преквалификација или за некоја дополнителна дејност.