Како по падот на берлинскиот ѕид или колапсот на империјата на „Браќата Лиман“ пандемијата на коронавирусот е настан што ќе го смени светот и чии далекусежни последици можеме допрва да ги замислуваме. Сигурно е дека болеста уништи животи и ќе доведе до трајни промени на политичките и економските сили на начини кои допрва ќе станат јасни, пишува „Форин полиси“.
Пандемијата ќе ги засили државите и ќе го поттикне национализмот. Владите ќе усвојат итни мерки за справување со кризата и многумина ќе одбијат да се откажат од новостекнатите моќи и кога кризата ќе заврши.
Ковид-19 ќе го забрза процесот на менувањето на тежата на силите, односно на преминувањето на моќта од Западот кон Истокот. Јужна Кореја и Сингапур одговорија најдобро на пандемијата, а Кина реагираше добро по раните грешки. Одговорот на Европа и на Америка беше бавен и неорганизиран, дополнително наштетувајќи му на имиџот на Западот.
Тоа што нема да се смени е фундаментално конфликтната природа на светската политика. Претходните чуми, вклучувајќи го шпанскиот грип во периодот помеѓу 1918 и 1918 година, не ставија крај на ривалството на големите сили, а не означија ниту влез во нова ера на глобална соработка. Ќе бидеме сведоци на големо повлекување од хиперглобализацијата, додека граѓаните ќе очекуваат ранливите влади да ги заштитат, како што државите и компаниите бараат начин за намалување на ранливостите за иднина.
Накратко, ковид-19 ќе создаде свет кој е помалку отворен, помалку просперитетен и помалку слободен. Не мораше да биде вака, но комбинацијата од смртоносниот вирус, неадекватното планирање и неспособното водство го однесе човештвото на нова загрижувачка патека. Ова е крајот на глобализацијата каква што ни е позната до денес.