Повеќе од четири милиони вакцинирани Израелци може да носат „ковид-значка“ за да можат да јадат во ресторани, да одат на концерти или во спортски сали.

„Тајмс оф Израел“ известува дека светскиот шампион во имунизација против ковид-19 започнал контроверзен проект со беџови, со кој се обезбедува пристап до спортски сали, ресторани и концерти.

Со висок процент на вакцинирано население, властите планираат од недела постепено отворање на спортски сали, музеи, трговски центри, ресторани и кафулиња, но тоа нема да важи за сите.

Виолетовите беџови ќе значат дека луѓето или не примиле вакцина или примиле една доза, а зелените дека луѓето примиле втора доза или прележале ковид.

„Одиме напред со одговорни мерки од типот, ако сте ревакцинирани, можете да влезете – рече министерот за одбрана Бени Ганц за новите мерки, што според „Тајмс оф Израел“ е тешко да се спроведат во компаниите.