Вакцината против коронавирус може да биде одобрена за приближно една година, според оптимистичко сценарио, објави Европската агенција за лекови.
Европската агенција за лекови (ЕМА) прави се што може за да го забрза процесот на одобрување на вакцините, комуницирајќи со 33 тимови кои работат на развој на вакцина, изјави шефот на одделот за вакцини на ЕМА, Марко Кавалери, додавајќи дека е скептичен во врска со тврдењата дека вакцината може да биде достапна во септември.
– На вакцините, бидејќи развојот започнува од нула, можеме да гледаме од оптимистички агол за една година, значи на почетокот на 2021 година – изјави тој пред новинарите.
Кавалери ја отфрли можноста за изоставување на третата фаза од тестирање на вакцини, за која рече дека е потребна за да вакцината биде безбедна и ефикасна.
ЕМА исто така разгледува 115 различни терапии или лекови за коронавирусот, од кој починаа речиси 300.000 луѓе во целиот свет, покажуваат податоците на Светската здравствена организација.
Кавалери рече дека некои лекови може да бидат одобрени уште ова лето, но не прецизираше кои.