Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска објави дека почнала со разгледување на документацијата за вакцината „спутник В“, што ја изработи рускиот Институт „Гамалеја“, со цел да одобри лиценца за употреба во Европската Унија, пренесува „Ројтерс“.

Фондот за директни инвестиции на Русија објави дека ЕМА ќе ја процени усогласеноста на „спутник В“ со стандардите на ЕУ во однос за ефикасноста, безбедноста и квалитетот, пренесува „РИА новости“.

Медиумите пишуваат дека ваквата одлука на Европската агенција за лекови следува по низата критики за бавната набавка и дистрибуција на вакцини во земјите на ЕУ.

Претходно, Русија на ЕУ ѝ понуди 100 милиони дози од својата вакцина против ковид-19, но доби ладен туш од Брисел, од каде што на компанијата што стои зад „спутник В“ ѝ беше кажано дека нивната вакцина не влегува во стратегијата за борба против коронавирусот на Европската Унија.


ЕУ: Руската вакцина сѐ уште не е вклучена во стратегијата за вакцинација

По веста дека Европската агенција за лекови започнала постапка за регистрација на руската вакцина „спутник В“, се огласи Европската Унија, која вели дека руската вакцина се уште не е стратегија.

Сите светски агенции објавија дека Европската агенција за лекови (ЕМА) започнала постапка за регистрација на руската вакцина против коронавирус, што многу земји-членки веќе ја побарале за своите граѓани, дури и по итна постапка, со цел да се обидат да избегнат целосен дебакл на официјален Брисел и неговата набавка на вакцини.

Компанијата што стои зад „спутник В“ претходно ѝ понуди на ЕУ 100 милиони дози вакцини, но Брисел одби, велејќи дека руската вакцина не е во стратегијата на ЕУ за борба против коронавирусот.

Слично образложение и сега пристигна.

„ Само затоа што вакцината добива одобрение од Европската агенција за лекови, не значи дека треба да биде ставена на списокот со вакцини, кои се вклучени во стратегијата за вакцинација на ЕУ“, рече Ерик Мамер, портпарол на Европската комисија.

Се додава дека ЕК веќе склучи договори во име на ЕУ за набавка на доволни количини вакцини (2,6 милијарди дози со шест компании) со цел да се исполни целта на 70 проценти од вакцинираните Европејци до крајот на летото.

Брисел исто така нагласува дека при одобрување на вакцините за употреба на пазарот на ЕУ, тие не се водат според геополитиката, туку според проценката на квалитетот, ефикасноста и безбедноста на вакцината.