Шведската активистка за климата, Грета Тунберг (18), најави дека ќе донира 100.000 евра за поправедна дистрибуција на вакцините против ковид-19.
Средствата се наменети за механизмот „Ковакс“ на Светската здравствена организација (СЗО) за обезбедување еднаков пристап до вакцините против ковид-19 за земјите во развој, рече Тунберг на прес-конференција со шефот на СЗО, Тедрос Гебрејсус.
– Меѓународната заедница мора да стори повеќе за да се реши трагедијата со нееднаква дистрибуција на вакцини зашто, како во случајот со климатската криза и тука, првин мора да им помогнеме на најранливите – рече шведската активистка.
Според СЗО, во многу богати земји едно од четири лица ја примило првата доза од вакцината против ковид-19, а во посиромашните земји едно од 500 лица.