Австралиските власти испратија стотици војници во Сиднеј да помогнат во спроведувањето на „заклучувањето“ воведено поради ширењето на вирусот, пишува „Би-би-си“.
Војниците ќе поминат обука за време на викендот, пред да започнат со невооружени патроли во понеделник.
Многумина се прашуваат дали е неопходна ваква воена интервенција.
Заклучувањето, кое ќе биде на сила најмалку до 28 август, им забранува на луѓето да го напуштат својот дом, освен во посебни случаи.
И покрај заклучувањето, кое веќе трае пет недели, заразата продолжува да се шири во Сиднеј. Денес се пријавени 170 нови случаи.
Војниците ќе и се придружат на полицијата во жариштата на вирусот за да осигураат дека луѓето ги почитуваат правилата, кои вклучуваат и ограничување на патувањата од 10 километри.
Австралиските правници сметаат дека употребата на армијата во либерална демократија е загрижувачка.
Епидемијата тешко ги погоди работниците и сиромашните предградија.
Критичарите велат дека областите веќе се соочиле со полициски мерки и посочуваат дека овие ограничувања се построги отколку во остатокот од Сиднеј.
– Нашите луѓе се една од најсиромашните демографски категории и веќе и онака се чувствуваат маргинализирани – рече Стив Христу, еден од локалните лидери.