Предупредување од ЈАР
Специјалистот за заразни болести Џереми Нел од Јоханесбург имаше големи надежи за пратката со милион дози на вакцини на „Астра зенека“ кои требаше да стигнат во Јужноафриканската Република (ЈАР) од Индија. Почетокот на вакцинацијата беше предвиден за утре. Но, одеднаш плановите се изјаловија. Државниот врв нареди сопирање на вакцинацијата, откако клиничкото тестирање не успеа да покаже дека вакцината на „Астра зенека“ го спречува заболувањето од новиот вид на ковид-19 кој се појави во ЈАР, пишува „Њујорк тајмс“.
– Ова беше вистински удар. Ветувањето за вакцината, кое кај нас доцнеше во однос на повеќето други држави, претставуваше светло на крајот на тунелот – вели Нел.
Новите заклучоци во ЈАР дојдоа од мало клиничко испитување во кое учествуваа помалку од две илјади лица, а не покажаа дека вакцината штити од заразата предизвикана од мутираниот вид на ковид-19. Но дури и да се покаже дека вакцината ја спречува заразата, случувањата во ЈАР се предупредување за светот, како што посочуваат научниците, кои сега предвидуваат месеци или години во кои произведувачите на вакцини континуирано ќе треба да работат на развој на вакцините за тие да штитат од мутациите на коронавирусот. А ако јужноафриканскиот вид кој сега е забележан во 32 држави стане доминантен, тие држави се соочуваат со побавен излез од пандемијата.
– Станува извесно дека ќе бидеме заглавени во оваа реалност во која имаме варијанти на вирусот кои не реагираат на вакцините. Ќе се обидеме да ги измениме тие вакцини за да целат кон новите варијанти, но бидејќи вирусот уште се шири, ќе се појавуваат и други варијанти – смета Андреа Тејлор, помошничка-директорка на Центарот за иновација во глобалното здравство на американскиот универзитет „Дјук“.
Но не е се така црно. Другите вакцини пружаат одредена заштита од јужноафриканската варијанта, иако помала во однос на претходните видови на ковид-19. А „Астра зенека“ работи на производството на верзија на вакцината која ќе штити и од јужноафриканскиот вид, а која се очекува најдоцна наесен. Научниците, сепак, се загрижени дека вакцините сами по себе нема наскоро да го сопрат ширењето на вирусот, а апелираат и богатите држави да донираат вакцини на посиромашните, поради опасноста од појава на мутации, ако ковид-19 продолжи да се шири.