Авиокомпаниите и работодавачите кои ќе бараат доказ за имунитет на коронавирус ќе дејствуваат во интерес на јавноста
Автор: Џон Гапер
Фајненшл тајмс
Откако „Квантас“ неделава предупреди дека очекува да им дозволи меѓународни летови на само на патниците кои ќе приложат доказ дека се вакцинирани против коронавирус, пет други авиокомпании исто така планираат да понудат дигитални здравствени пасоши, а некои држави би можеле да го спречат влезот на патници кои нема да приложат потврда дека немаат ковид-19. Ова нема да биде резултат на здравствените инспекции во спречувањето на пандемијата во текот на наредната година. Во деловниот и јавниот простор би можеле да се скенираат апликации за мобилни телефони кои го поврзуваат доказот за вакцинација или негативниот тест со дигиталниот идентитет, пред да се дозволи влез внатре во објектот. Стандардните пасоши ќе станат потребни за повремени патувања, но „здравствените пасоши“ може да се наметнат во нашето секојдневие.
Да не се воведеа вонредните ограничувања во нашите животи од почетокот на пандемијата, со тоа што владите диктираа како и каде луѓето можат да се движат, ова ќе беше тешко да се предвиди. Лилијан Едвардс, професорка на универзитетот „Њукасл“, тврди дека наложувањето на медицински проверки може да ги натера луѓето да се противат или да ги заобиколуваат правилата. Но светската здравствена криза забрза многу нешта кои веќе се случуваа со бавно темпо, од електронската трговија до работењето од дома. Дигиталниот идентитет е друг пример, а покрај ризиците што ги претставува по слободата и приватноста, сосема е оправдана силната иницијатива за придонес во јавното здравство.
Авиокомпаниите ќе бидат претпазливи во однос на забраната за патување на своите клиенти, но бесцелно е некому да му се дозволи да патува, ако му се забрани влез на крајната дестинација. Потешкото прашање што се поставува е дали во деловниот простор, па дури и во хотелите и во театрите, ќе се бара доказ за имунитет пред да им се дозволи влез на луѓето. Ќе има силни причини за ваквата можна одлука, со тоа што голем дел од канцеларискиот простор е празен, а неопходно е да се врати нормалното функционирање од социјален и од економски аспект. Но, тоа може да се случи само кога луѓето ќе веруваат дека веќе не се во опасност. Владите кои одлучија вакцинацијата да не биде задолжителна, практично молкум ќе се потпираат на компаниите и организациите тоа да го сторат за нив. Ова ќе ги натера вторите да донесат непопуларни одлуки, но нив треба да им се овозможи, па дури и да се охрабрат, да ги заштитат вработените и клиентите. Вакцинацијата невообичаено е од корист на оние што ја добиваат, но и на останатите околу нив, затоа што на тој начин многу болести стануваат помалку опасни кога општеството ќе стекне колективен имунитет.
Приватноста е вториот проблем, затоа што ако луѓето ги чуваат нивните здравствени информации на централни бази на податоци, тоа може да се злоупотреби или искористи од страна на владите и на други актери. Секакво залагање за дигитален идентитет носи ризици, иако има добри намери, па така Светската банка проценува дека речиси милијарда луѓе ќе имаат потежок пристап до услуги затоа што не поседуваат доказ за идентитет. Но приватноста не треба да биде пречка. Петте авиокомпании кои планираат да понудат дигитални пасоши ја користат платформата наречена „Комон пас“ на која се чуваат само ограничени податоци на телефонот на патникот преку кју-ар код, кој покажува дека тој ги исполнува условите за влез. Ниедна авиокомпанија не сака да има одговорност за претрес во здравствените податоци. Ниту работодавачот не мора да се меша во нечија приватност. Доволно е што скенирањето на кодот дава одговор на единственото прашање, а тоа дали некој може да гарантира нечија безбедност. Пристапот со користење на верифициран кју-ар код на телефон или на хартија како заштита за приватноста би можел да се користи многу пошироко.
Ниедно од овие решенија е идеално. Забраната за летање со авион или влез во деловен простор, ако не се почитуваат здравствените препораки, претставува кршење на слободата. Но милиони кои претрпеа вонредни состојби и карантини не живеат во слободен свет. Ако постои излез, тогаш некој треба да ни го покаже.
Превод: Билјана Здраковска