Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон откри дека наскоро ќе прими вакцина од „Астразенека“, и покрај загриженоста што владее низ цела Европа околу извештаите за случаи на згрутчување на крвта.
Членовите на британскиот парламент го прашаа Џонсон за прекинувањето на вакцинацијата од „Астразенека“ во неколку земји, вклучувајќи ги Германија и Португалија.
– Можеби најдоброто што можам да го кажам за програмата за вакцинација од „Астразенека“ е дека наскоро ќе примам вакцина, и мило ми е што ви го откривам ова – рече британскиот премиер.
– Сигурно ќе ја добијам вакцината од „Оксфорд / Астразенека – додаде Џонсон.
Неговата најава предизвика лавина новинарски прашања затоа што на британците не им беше дозволено да изберат која вакцина ќе ја примаат.
Вакцинацијата во Европа беше нарушена во последните две недели поради извештаи за изолирани случаи на тромбоемболизам кај пациенти кои примале вакцина од „Астразенека“.
Во Европа досега оваа вакцина ја примиле над 17 милиони луѓе, стои во веб-страницата на таа фармацевтска компанија.