Кога вакцината за коронавирусот ќе биде достапна, ќе изникнат голем број прашања и проблеми поврзани со нејзиното користење, дистрибуција, приоритетот кој прв да биде вакциниран, а ќе предизвика и борба против антиваксерите и нивните теории на заговор, пренесува „Блумберг“.
Многумина нестрпливо ја чекаат вакцината за ковид-19, која е единствен спас за стекнување на колективен имунитет и враќање во нормала. Досега 100 кандидати во 12 земји работат на изнаоѓање на вакцина, а осум веќе влегоа во клиничка фаза на тестирање, додека голем број лица волонтираа да учествуваат во тестирањата во борба против вирусот.
Првата дилема поврзана со вакцината за ковид-19 би било прашањето, кој би требало да биде вакциниран прв, а кој нема да биде воопшто вакциниран? Ова прашање ќе направи раздор меѓу државите, но ќе предизвика раздор и во нив.
Доколку има добро лидерство, земјите ќе го решат овој проблем слично на случајот со Студената војна, кога човештвото се обедини и извојува победа против сипаниците. Денес, национализмот и ставот „мојата држава на прво место“ инфицира сѐ поголем број земји, вклучувајќи ги и оние кои работат на изнаоѓањето на вакцина.
Богатите земји ќе купат залихи и ќе оневозможат посиромашните да дојдат до истите, а одредени, како што е САД, нема да сакаат да ја „споделат“ вакцината доколку е произведена од нив. Германските власти беа гневни откако се дозна за извештаите, кои никогаш не беа потврдени, дека американскиот претседател Доналд Трамп се обидел да ја купи „КјурВац“, германска компанија која работи на вакцина, за да добие ексклузивен пристап до истата.
Потоа следува етичкото прашање. Голем број луѓе сметаат дека здравствените работници треба први да бидат вакцинирани. Но, кој доаѓа после нив? Бремените жени? Старите лица, кои се најранливи на вирусот? Но, нивните организми реагираат многу послабо на вакцинацијата отколку организмите на младите луѓе.
Доколку целта е колективен имунитет, вакцинацијата на постарите не би имала поента.
Затворениците престојуваат во тесни и преполни затвори, дали тие треба први да бидат вакцинирани? Или пак, прашањето може да биде и на етничка база, како во САД, каде Латиноамериканците и Афроамериканците страдаат несразмерно од ковид-19. Дали тие треба да се вакцинирани пред белците?
Потоа, следува бесконечната борба меѓу рационалноста на науката и теориите на заговор. На почетокот на пандемијата, сите мислеа дека верувањата на антиваксерите ќе атрофираат. Наместо тоа, нивните теории предизвикаа „инфодемија“, или пандемија на лажни информации.
На пример, во видео насловено „Пландемик“, се тврдеше дека вакцината за ковид-19 ќе „усмрти“ милиони животи, а имаше седум милиони прегледи на Јутуб пред да биде избришано. Според теоријата на заговор, Бил Гејтс, еден од најголемите светски филантропи, заедно со фармацевтската индустрија го создале вирусот во лабораторија со цел да предизвикаат глобална здравствена диктатура, а ќе го контролира населението со вбризгување на микрочипови под кожата. На ваквите и слични теории на заговор им нема крај.
Ова доведува до одбивање на антиваксерите да примат вакцина против сипаници, со што се загрозува веќе постигнатиот колективен имунитет и предизвикува нови појави на оваа смртоносна болест. Истото може да се случи кога вакцината против коронавирусот ќе стане достапна. Прагот за стекнување на колективен имунитет против ковид-19 се проценува некаде помеѓу 55 отсто и 82 отсто од даденото население. Но, само околу 50 отсто од Американците велат дека ќе се вакцинираат против коронавирусот.
Затоа, сега е времето за подготвување и едукација за вакцините, пред таа да биде достапна. Моралните и етичките прашања може да почекаат. Прво треба да се едуцираат луѓето да прават разлика од факти до лажни вести, пред потенцијано да бидат изложени на теории на заговор и да бидат заразени од истите. Во борбата против дезинформациите за вакцините мора да извојуваме победа годинава, или ќе ја изгубиме борбата против ковид-19 во 2021 година.