Дилемата на политичарите е дали забрзувањето на процесот за добивање на вакцина е ризик за луѓето да немаат доверба во нејзината безбедност
Автори: Кармен Пон, Џулијан Дојч и Паола Тама
Политико
Од Бил Гејтс до Ангела Меркел, експертите и политичките лидери сметаат дека единствениот начин за да се врати нормалното функционирање по пандемијата е да се развие вакцина и да се имунизираат милијарди луѓе против овој коронавирус. Но како што се разгорува трката во светот за развој на вакцина, политичарите може да наидат на отпор кај луѓето да се имунизираат.
Реалните стравови за откриените несакани ефекти на вакцината и недовербата во лидерите, експертите и фармацевтската индустрија го подгреаја отфрлањето на вакцините кај многумина во Европа, која е најскептичниот регион во светот според едно ланско истражување. Прелиминарните резултати од анкетата предводена од проектот за доверба во вакцините, според кој се оценува довербата на јавноста во вакцинациските програми ширум светот и „ОРБ интернешенел“, покажуваат дека годинава од средина на март до средина на април, една петтина од швајцарските испитаници и 18 отсто од француските не сакаат да се вакцинираат против коронавирусот. Меѓу Австријците оваа бројка изнесува 16 отсто, а во Германија девет отсто.
Иако ова можеби не е доволно за да се блокираат напорите за да се постигне таканаречен групен имунитет, што би требало да го добие 60 до 70 отсто од населението, европските влади добро знаат колку скептицизмот околу вакцините може да ги наруши плановите за национална имунизација, како што покажуваат најновите контроверзи.
Поради тоа, политичарите се во незавидна положба. Од една страна, вакцината мора да постои кога е висок ризикот од инфекции, но ако биде рано претставена на пазарот, луѓето можеби нема да имаат доверба во нејзината безбедност. Германскиот министер за здравство Јенс Шпан на почетокот од овој месец ја отфрли идејата дека вакцината во иднина може да стане задолжителна во државата, порачувајќи дека мнозинството ќе сака веднаш да се вакцинира штом таа ќе стане достапна. Од друга страна, врвниот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, кој е против имунизација, изјави дека ќе мора да донесе одлука ако патувањата на турнирите ќе зависат токму од вакцината, според „Гардијан“.
Кога станува збор за подготвеноста на обичниот народ, времето е од суштинско значење, смета Хајди Ларсон, директорката на проектот за доверба во вакцините.
– Ако сè уште се гледа закана, како можеби втор бран на епидемијата, тогаш ќе мора да бидат поотворени за опцијата за вакцинација – порача таа и додаде дека ако и заканата опадне, тогаш можеби нема да сакаат да го преземат ризикот од нова вакцина која не е доволно испитана.
Марко Кавалери, шефот на стратегијата за закани по биолошкото здравје и вакцини при Европската медицинска агенција, е свесен за дилемата со која се соочуваат политичарите во трката за пронаоѓање вакцина што ќе биде безбедна.
– Мораме да бидеме сигурни дека ваквиот компромис нема да ја наруши сигурноста што ни е потребна за безбедноста на вакцината – изјави тој за новинарите минатиот четврток.
Кавалери додава дека од таа причина регулативното тело на ЕУ мора да соработува со развивачите на вакцини за да увиди каков вид на докази можат да се обезбедат во краток временски период, додека се даваат доволни гаранции дека вакцините се безбедни и ефикасни.
Но ова не е доволно за да се убеди Мари Вербрег, претседателката на антиваксерската група „Инфо ваксинс“ од Франција. Таа силно се противи на вакцините и развивањето на нови затоа што „знае дека нема да успеат и дека се опасни ако не се тестираат“, сакајќи да нагласи дека некои од нив целосно ја избегнуваат фазата на тестирање врз животни и директно им се даваат на луѓе. Вербрег не верува дека светот се соочува со пандемија.
– Ова е еден вид на грип како и сите други – вели таа и додава дека се манипулира со бројките за да се плаши народот од политички и од финансиски причини.
Социјалните медиуми се полни со теории според кои меѓународните групи го создале вирусот за да се натераат луѓето да се вакцинираат, а како главни виновници се посочуваат СЗО и Бил Гејтс, со оглед на тоа што тој е главен финансиер во организацијата.
– Навистина збунува сè што се случува. Кога е зголемена анксиозноста кај луѓето и имаат повеќе слободно време за размислување, тие бараат причина да најдат виновник – изјави Мелинда Гејтс за „Политико“.
Луѓето повеќе се потпираат на теории на заговор кога постои неизвесност „затоа што чувствуваат потреба за контрола и психолошка сигурност и сакаат едноставни одговори на сложени прашања, како што смета Сандер ван дер Линден, социјален психолог од универзитетот Кембриџ.
Но постојат и такви кои не веруваат во теории на заговор, но се загрижени за безбедноста на вакцината и сметаат дека одлуките за вакцинација се задача на владата, без да им се даде простор на другите да се произнесат за своите ставови.
Превод: Билјана Здравковска