Директорот на Европската агенција за лекови, Гвидо Раси, најави издавање дозвола за употреба на „ремдесивир“ при третман на ковид-19.
Тоа е препарат на американската фармацевтска компанија „Гилеад“, кој според првичните истражувања го намалува времето на хоспитализација во случај на инфекција со новиот коронавирус за 31 процент во однос на плацебото.
– Можно е во следните денови да се издаде условна лиценца за лекот – рече Раси пред Европскиот парламент.
Дури и пред издавањето официјална дозвола за употреба, Европската агенција за лекови го препорача „ремдесивир“ за третман при најтешки случаи на инфекција со ковид-19.
Соединетите Американски Држави издадоа дозвола за итна употреба на „ремдесивир“ во своите болници на 1 мај, а клиничките истражувања за овој лек треба да бидат готови до крајот на месецот.