Од круцијална важност е сите што примиле две дози, а немаат прележано ковид, да побрзаат да примат и трета (бустер) доза
Во кој правец ќе се движи пандемијата од ковид-19 ако омикрон стане доминантен во Македонија? Колку омикрон-мутацијата на ковид-19 е опасна? Има ли потреба од страв меѓу граѓаните? Ова се дел од низата прашања на граѓаните, додека се испитува новата варијанта на коронавирусот, особено по различните изјави на светски експерти за неговата опасност, кои може да збунат.
Омикрон-мутацијата станува се подоминантна во Европа, а веќе се рагистрирани сличаи во нашето соседство. Прашање на време е кога ќе дојде или ќе биде регистриран во Македонија. Досегашните анализи покажуваат дека оваа мутација се шири побрзо и може да го заобиколува имунитетот од вакцините.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека нема потреба од паника, но дека состојбата треба да се следи во случај да се превенира.
– Во оваа фаза на пандемијата кај нас, од 10 ноември досега, ефективниот репродукциски број постојано бележи тренд на намалување под 1 (и сега е околу 0,85), што покажува дека стапката на имуност на населението е, многу веројатно, преку 75 проценти (вкупно прележани и вакцинирани со две дози). Ова значи дека имаме мошне цврст бедем на популациско ниво, кој е доволен да стави крај на короната (дневно јавување на спорадични случаи) до крај на зимата. Вака би било ако би останал само делта сојот-објаснува тој.
Од друга страна, според епидемиологот, омикрон неизбежно ќе се појави и кај нас за неколку недели.
– Засега е јасно дека не само што е позаразен, туку може да го забиколи и веќе стекнатиот имунитет. Оттаму, сега сите имаат ризик да се заразат! Добра вест е што првите информации укажуваат на полесна клиничка слика, иако треба да се почека уште две-три недели за посигурни заклучоци. Тоа е причината што јас се залагав и сѐ уште сум на ист став, дека навлегувањето во земјата треба што повеќе да му се забави, за да купиме време, да видиме како навистина се однесува на терен во други земји. Како да се забави? Или со ПЦР тест за секој што влегува во земјата, независно од вакциналниот статус или со карантин од 14 дена!-посочува Даниловски.