Фото: Игор Бансколиев

ЗГОЛЕМЕНА РАЗДВИЖЕНОСТ ВО МАРКЕТИТЕ И АПТЕКИТЕ

Два дена откако се затворени училиштата, градинките и факултетите заради заштита од коронавирусот, „Нова Македонија“ беше во обиколка на повеќе маркети и аптеки, за да види дали има поголемо раздвижување од вообичаеното. Откако Владата усвои низа превентивни мерки, препораки и заклучоци за превенција од коронавирусот, воочливо е дека луѓето почнуваат да прават резерви на храна, лекови и средства за дезинфекција.
Паника не се чувствува, но со оглед на тоа дека граѓаните се информирани и се во тек со ситуацијата, веројатно, сакаат дома да ги имаат сите потребни продукти и намирници, за во случај да се прогласат порадикални мерки во однос на заштита од корона вирусот.

Во повеќето поголеми маркети деновиве може да се забележи поголемо раздвижување од вообичаеното. Нема турканици, продукти има доволно, нема сосема испразнети рафтови, но паѓаат во очи рафтовите за брашно, тестенини и конзервира храна, кои се полупразни. Полупразни се и рафтовите на кои стои зимницата со ајвар, лутеница, кисели краставички, цвекло, малиџано.
Луѓето, некои од нив со маски на улицата, купуваат средства за хигиена, за чистење и ставаат храна во големи колички. На касите се чека подолго од вообичаеното за плаќање, но луѓето чекаат и се трпеливи. Вработените на касите работат со ракавици на рацете.

– Не сме во паника, но следиме секој ден што се случува. Морам да признаам дека сме загрижени јас и сопругата, па затоа еве купуваме за подолг период сѐ што ни е потребно за во домот. Ова што го земаме ќе ни биде доволно за цел месец. Сакаме да бидеме подготвени. Купуваме наеднаш повеќе намирници затоа што не сакам да се случи за една две потребни работи, да се симнуваме специјално да доаѓаме да купуваме, поентата е да се мирува дома – вели Петар Анастасовски, кој купуваше во маркетот.

Не е поразлична сликата и во другите маркети. Луѓето полнат колички за пазарење, а најмногу ги полнат со храна, која е нерасиплива и која трае подолг период. Најмногу се трошат тестенините и конзервите.

Некои од граѓаните коментираат дека цените се малку повисоки од вообичаено.
– Не анализирав многу детално, но забележав дека ако била цената на ајварот пониска пред 10 дена, сега е за 20 денари повисока. Секој очигледно некој сака да профитира во вакви ситуации – ни рече еден потрошувач.

Реакции за повисоки цени имаше и за аптеките. Имаше реакции конкретно за цената на заштитните маски, како и на средствата за дезинфекција што се продаваат во аптеките. Здравствените власти велат дека Државниот пазарен инспекторат е на терен и контролира и дека ако има вакви случаи на повисоки цени, ќе има казни.

Исто како на почетокот со првиот случај на заболен од коронавирусот, така и последните два дена, по мерките што ги презеде Владата, имаме зголемување на потрошувачката на основни производи како што се: брашно, шеќер, масло, млеко, тестенини, конзервирана храна, хигиенски средства, како и на други производи каде што бележиме зголемена побарувачка.

Во еден дел, зголеменото пазарување се должи на паниката помеѓу населението, но еден дел е и поради повлекувањето на населението по домовите и неизлегувањето, поради што реално се зголемува потребата од овие производи, како и ефектот на тоа да испазараме повеќе одеднаш за да не одиме често во маркети во оваа ситуација – велат од еден од нашите поголеми маркети, нагласувајќи дека имаат резерви за да одговорат на моменталната ситуација и потреба. 


Во аптеките најбарани се дезинфекциски средства, ракавици и маски

Деновиве може да се забележи и поголема раздвиженост во аптеките. Луѓето првенствено бараат заштитни маски и гелови за дезинфекција.
Во последните два-три дена, во аптеките најмногу се трошат дезинфекциски средства, ракавици, маски, потоа хронична терапија и на крајот витамини и минерали за зајакнување на имунитетот.
Фармацевтите во маалските аптеки со кои поразговаравме велат дека освен средствата за дезинфекција, многу им се трошат витамин Ц од 1.000 милиграми, магнезиум, цинк, витамин Д.
– Ова ни кажува дека населението работи на зајакнување на имунитетот, што е добро во ваков период кога е потребна поголема заштита на здравјето. Бараат и маски и средства за дезинфицирање, ракавици, алкохол – вели фармацевт во една скопска мала аптека.
Тој вели дека се случува и додека пациентите чекаат во ред, ако некој се закашла, веднаш да биде нападнат вербално од преостанатите. Стравот очигледно си го прави своето и граѓаните се многу пораздразливи, нервозни и претпазливи дури и за најмала кашлица.