Интервjу: Роберт Насков

„Филмаџиите не се имуни на појавите во државата. Владее страв дека со искажување на своето мислење ќе си ја загрозат можноста да бидат ангажирани на наредните проекти. Се приклонуваат кон мнозинството и не се борат за своите права“, вели продуцентот Роберт Насков, кој стои зад „Северен пол“, филмот што за првпат ја однесе Македонија во Кан

Разговара: Гена Теодосиевска

ФИЛМ+: Фактот што Македонија за првпат влезе во официјалната програма на најпрестижниот филмски фестивал на светот и што краткометражниот филм во ваша продукција „Северен пол“, по сценарио и режија на Марија Апчевска, беше во трка за „Златна палма“ во Кан, дефинитивно, нè направи сите среќни и горди. Но, она што беше изненадување, е што на толку важен настан немаше новинари за тоа да го проследат и да известуваат. Сето тоа помина некако глуво, а разбирливо беше да очекуваме многу поголема јавност и професионалност, за да можеме да ја споделиме радоста, како што и доликува, за еден ваков долгоочекуван успех за македонската кинематографија. Зошто?
Роберт Насков: Тоа е одраз на состојбата во општеството во кое живееме и односот кон филмот и културата, воопшто. Морам да кажам дека не сум изненаден. Ние, едноставно, не знаеме да ги почитуваме нашите успеси небаре ни се случуваат секојдневно. Оптоварени сме со дневно-политички настани и не умееме да обрнеме внимание на вистинските вредности кои нè претставуваат на највисоко светско ниво. Учеството на филмот „Северен пол“ во официјалната селекција на најпрестижниот фестивал во светот е историски успех за македонската кинематографија и култура. За жал, ниту претседателот на државата, ниту премиерот не најдоа за сходно да ѝ честитаат на екипата за овој неверојатен успех. Министерката за култура тоа го направи со задоцнување. Навистина жално. Излегува дека освен спортските успеси, останатите не се доволно популарни за да го добијат вниманието на политичарите и јавноста. А фактите говорат дека токму филмот и културата се тие што најдобро ја промовираат земјата на меѓународно ниво.

Вие сте долгогодишен филмски и тв продуцент, вашата продуцентска куќа „Кино око“ е модел што се следи од помладата генерација, зад вас се завидни 20-тина наслови, први ја антиципиравте моќта на телевизиските сериите на медиумскиот пазар, најпрво со „На терапија“, а потоа и со „Зоки Поки“. Со занаетот се запознавте на голема врата, со „Миротворец“ на Мими Ледер, поминавте низ низа контроверзии со филмовите „Трето полувреме“ и „Ослободување на Скопје“, но би рекла, имавте солидна публика за вашите филмови, а особено со „Бал-кан-кан“ со кој достигнавте најголема гледаност во историјата на македонската кинематографија… Што нѝ се случува денеска во филмската индустрија?
– Очигледно е дека во Македонија стаса нова генерација филмски автори и професионалци кои поинаку размислуваат и со своите дела без никакви комплекси се натпреваруваат со колегите од целиот свет. И покрај учествата во официјалните селекции на најважните филмски фестивали и номинациите за „Оскар“, поддршката од државата не соодвествува со постигнатите успеси. Наместо поголема финансиска поддршка за идните проекти, ние имаме намалување на буџетот за филмска дејност.

По долго години посакување, Македониjа конечно на сцената на Канскиот фестивал, во трка за „Златна палма“

Со вашето искуство сигурно имате изострена диоптрија при опсервација на проблемите со кои се соочувате во процесот на реализација на делата. Можете ли да ни кажете со кои проблеми се судира еден професионален филмски работник?
– Снимањето филмови во Македонија е импровизација. Не постојат основни услови за продукција на филмови. Нема инфраструктура и логистика за снимање. Со оглед на тоа во какви услови работат филмаџиите, успесите што ги постигнуваат македонските филмови дополнително добиваат на тежина.

Се чини дека имаме сè помалку компетентни луѓе што знаат како да се промовира еден филмски проект, а камо ли кинематографијата на една земја. Што предлагате вие, каде најмногу се греши?
– Се греши во приодот кон филмското дело. Филмот е како и секој друг производ, кој треба да се пласира на пазар. Секако дека има свои специфичности, но сепак треба да се промовира на филмските фестивали и да се дистрибуира во киносалите и разните платформи за прикажување филмови. За голем дел од колегите филмот завршува со задолжителната проекција пред екипата. За жал, успесите на македонскиот филм не се плод на никаква стратегија, па затоа изостанува и квалитетна промоција на филмовите.

„Зоки Поки“ направи историски успех, тоа е првата македонска сериjа коjа се емитувала во сите скандинавски земjи, а неодамна и во Србиjа

Што би посочиле како најголем проблем?
– Ние мораме да ја дефинираме нашата кинематографија и да направиме стратегија, без што не можеме да се надеваме на континуитет во поглед на успесите на македонската кинематографија. За тоа е потребно учество на сите важни чинители во ланецот на кинематографијата. Исклучително е важно да се посветиме на филмската едукација и образованието на филмските кадри.


Секоjдневно покажуваме дека не знаеме што да правиме со државата што jа имаме. Често се прашувам дали jа заслужуваме со ваквиот однос кон неа


Од каде одеднаш толку многу продуценти и режисери, а толку малку филмски професионалци?
– Да се биде филмаџија е привилегија, но тоа се стекнува со односот кон професијата, многу работа и професионалност. Не е доволно да завршите школо, да отворите фирма или да испечатите визит-карти. Филмската професија е начин на живот и размислување. Нешто што ве идентификува. Не може секој да се занимава со филм. За жал, голем број „колеги“ се однесуваат кон професијата како да им е хоби, а не професија од која егзистираат.

Бевте претседател на ДФРМ во два мандати, ги согледавте одблизу проблемите на фелата, дали навистина сите други филмски работници зависат од добрата волја на продуцентите и релациите со нив?
– Филмаџиите не се имуни на појавите во државата. Состојбата во филмската фела е резултат на општеството во кое живееме. Колегите немаат став за случувањата во дејноста. Владее страв дека со искажување на своето мислење ќе си ја загрозат можноста да бидат ангажирани на наредните проекти. Се приклонуваат кон мнозинството и не се борат за своите права и услови кои им припаѓаат.

Кои средби низ годините работно искуство ги чуствувате за драгоцени?
– Средбата со двојниот оскаровец Бранко Лустиг и можноста со него да соработувам за мене е нешто навистина драгоцено и непроценливо. Многу работи за филмот и за животот научив од разговорите со него.

Какво е вашето мислење за нашата „фестивалска“ земја?
– Сметам дека во Македонија има премногу фестивали. Нивниот број треба да се намали и да се промовира квалитет, а не квантитет.

Како се носите со разочарувањата во луѓето, во системот или стекнавте имунитет?
– Со тек на време стекнав имунитет од разочарувањата во општествениот систем без да се вакцинирам… Не постои нешто што би можело да ме изненади. Навистина не знам каде ќе не одведе ваквиот начин на размислување и функционирање. Каде е крајот и каде е дното што треба да го допреме за да се освестиме? Секојдневно покажуваме дека не знаеме што да правиме со државата што ја имаме. Често се прашувам дали ја заслужуваме со ваквиот однос кон неа.

Снимавте и во ова време на пандемија и сè уште работите! Дали сте изморени, ви пречи ли во квалитетот на работата?
– Секако дека пречи пандемијата и сè што се случува околу неа. Но, сепак, повеќе сум уморен од секојдневните глупости и од простотилакот на луѓето.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.