(Gesamtkunstwerk) Целосно уметничко дело

ФИЛМ+СТАВ

Пишува: Кирил Дончов

Каде е, каде беше и каде ќе биде македонската филмска авангарда?
За да зборуваме за тоа каде е филмската авангарда, тогаш некаде требало да биде, а за тоа каде во иднина ќе биде, од некаде би требало и да се почне. Овој текст лесно може да добие легалистички призвук, затоа што се пишува за нешто што е можно да биде коментирано само отпосле. Не сакам да звучи дека сум разочаран од тоа што немало автентичен авангарден филмски крик во Македонија, туку само сакам да го изложам моето гледиште, зошто авангардата како таква никогаш не се појавила спонтано.

На работа, на труд!

Многу од советите на познатите режисери и филмаџии кон студентите на филм, кон филмските работници и ентузијасти, се вртат околу тоа дека ако имаш љубов за одредена работа, непречено ќе ја правиш. Во случајов, филмот е креативна работа која ретко кој ја работи без љубов, дотолку повеќе потребата за неа би била подложна да се работи дури и кога нема никаков профит од неа. Се чини, дека проблемот кај нас е во потценувањето на скромните почетоци – направи нешто скромно, ама нека биде добро.

Понекогаш е многу зачудувачки, ама вистинито, дека хиперпродукцијата, односно квантитетот произведува квалитет. Од едно море филмски ленти ќе излезат два-три бисера, но како да се стигне до таа бројка на филмски ленти? Секако, со работа. Секој сценарист да напише барем едно кратко сценарио секоја недела. Секој режисер со мобилен да сними барем едно кратко филмче. И, авангардата ќе почне природно да се создава. Пасијата за филм е силна на збор, а слаба на дело. Советот на сите познати филмаџии се едноставни: сакаш филмови, тогаш почни да ги создаваш секој ден. Тајната е во секојдневието. А секојденвието во дисциплината.

Формата ја следи функцијата

Филмот во 21 век е она што операта била во 19 век – целосно уметничко дело (Gesamtkunstwerk). Во дигиталната ера своевидниот постмодерен минимализам ја засенува вистинската придобивка од технологијата, што нѝ е на располагање. Имено, во 19 век германскиот композитор Рихард Вагнер ја воспева операта како дело кое во себе ги содржи сите уметности. Ако малку се задлабочиме, ќе сфатиме дека денеска тоа е филмот, тој во себе инкорпорира визуелност, наративност, поетичност. Лимитот на она што може да се направи на филм, навистина може да се види само во новата технологија.

Американскиот архитект Луис Саливан, исто така, во 19 век ќе каже дека ,,формата ја следи функцијата”, односно начинот на кој нешто примарно изгледа, следува од функцијата што тоа ја има. Ако филмот има за цел да биде Gesamtkunstwerk на новото време, тогаш сите пречки, било да се финансиски, логистички, капацитетни, паѓаат во вода. Ако на прочуените Михајло и Евтихиј, кои ја имаат сликано црквата Богородица Перивлепта, им биле дадени одредени алати, насоки и ресурси да направат врвно уметничко дело, колку повеќе во светот, каде што ресурсите не се изговор, големите уметници би требало да бидат подготвени да создаваат уметнички дела.

Валтер Гропиус во зародишот на Баухаус идејата, кажува: да создадеме една нова гилда на занаетчии. Гропиус ја знаел тајната на уметноста, која денес не е толку популарна, поради нашето крајно индивидуалистичко општество, дека уметноста, всушност, е и тимска работа

Еснаф, а не популарност

Во последниве години, со растот на дигиталните медиуми се создава една нова атмосфера на еснафлук. Дури и Валтер Гропиус во зародишот на Баухаус идејата, кажува: да создадеме една нова гилда на занаетчии. Гропиус ја знаел тајната на уметноста, која денес не е толку популарна, поради нашето крајно индивидуалистичко општество, опкружено со инфлуенсери и дигитални персони, дека уметноста, всушност, е и тимска работа. Сите учесници на она што од денешна перспектива го нарекуваме авангарда, биле пред сè пријатели.

Авангардата во  Русија, дадаистите, францускиот нов бран, тоа биле групи на луѓе кои меѓусебно имале подлабок однос. Додуша, од историска перспектива тешко е да се каже како тоа изгледало, но верувам било некаква форма на пријателство. Кај нас, да се биде тимски играч подразбира дека жртвуваш од твојот талент за факторизирање на другиот, а всушност, да се биде тимски играч е да бидеш дел од големата сложувалка. Ако програмерите можат, ако бизнисмените можат, ако сметководителите можат да се здружат во еден еснаф, зошто не би можеле и филмаџиите? Потребата од здрав еснаф е насушна.

Велат, голема уметност настанува кога светот и неговите основи се протресени до нивната срж. Дали е потребно протресување на филмската сцена, за од неа да се роди авангарда? Претходните три точки ги изложив како предуслов, за кога и да се појави таа авангарда да можеме да ја препознаеме.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.