ФИЛМ+РЕЦЕНЗИЈА+АРАПСКИ НАГРАДИ

Кон документарниот филм „Нарџес А.“, режија: Карим Аинуз, фотографија: Хуан Сармиенто, монтажа: Рикардо Сараива, Алжир/Франција,/Германија/Бразил 2020 година

Пишува: Сунчица Уневска

Алжирскиот филм „Нарџес А.“ ја носи приказната која моментно е најактуелна во светот, приказната за сите оние луѓе што се наоѓаат на прагот да ја загубат својата земја, да го загубат сето она што им е свето, она што им ја дава припадноста и исполнетоста, она што ги прави горди и подготвени на сè за својот народ и за своето семејство. Во нив ги препознавате сите луѓе кои денеска лутаат низ светот, не по своја вина, туку затоа што ја загубиле својата татковина, затоа што во нивните земји се водат војни со години, затоа што сè што е градено низ годините, тие преубави стари земји со огромна култура и наследство, загубија сè и нивните жители денеска не припаѓаат никаде. Дури, сите им ги затвораат вратите на тие т.н. мигранти (што, за жал, поприми погрдно значење), кои немаат свој дом и кои се обидуваат да почнат одново било каде, само да најдат малку мир и стабилност за своите семејства.

Да останеш свој на своето

Некој што тоа не го доживеал тешко може да сфати со што сè овие луѓе се судираат, избркани и принудени да ги напуштат своите огништа, бидејќи тука не е само егзистенцијалната сигурност, туку и достоинството, губењето на интегритетот и припадноста, губењето на надежта и немањето излез. Очајни се тие нивни обиди и постапки да ги заштитат своите најблиски и да го почнат животот од нула. Некако, иако приказната за Нарџес не е таква, сепак, тоа се чита меѓу редови, се чита онаа желба да останеш свој на своето, дека ја сакаш својата земја, дека за неа се бореле твоите предци, дека во неа живеат добри луѓе, дека сакаш да се избориш за подобар живот, за онаков каков што навистина заслужуваш, но тука каде што припаѓаш, опкружен со оние кои ги сакаш.

На својот пат кон центарот на Алжир, каде што веќе три недели се одржуваат демонстрации Нарџес размислува токму за тоа, дека не би сакала да ја напушти својата земја, тука се нејзините пријатели, тука е онаа сила која ја движи, тука е сето она што и е блиско и познато, тука е она во што отсекогаш верувала и она за што сака да се избори. Филмот е снимен во текот на еден ден, и тоа на 8 март, со смартфон и подвижна камера при што бразилско-алжирскиот режисер Карим Аинуз успева така добро да навлезе во психологијата на Нарџес и преку неа да го долови духот на народот и на тие демонстрации, кои на луѓето им значат буквално сè. Тоа е оној момент кога луѓето веруваат дека нешто можат да променат, тоа е оној момент кога возрасните се тука за да се изборат за иднината на своите деца, тоа е оној момент на надеж, кога штрајкувачите се среќни и полни со сила бидејќи веруваат дека сега е моментот за промени.

Младите ќе ги донесат промените

Нарџес раскажува како нејзината мајка била родена во затвор, колку време по затворите поминал нејзиниот дедо, како нејзините родители и баби и дедовци ја учеле секогаш да се бори за вистината, да не ја прифаќа неправдата и да бара подобар живот. Таа потсетува колку Алжирците биле среќни, горди и достоинствени кога успеале да се изборат за својата независност во 1962 година и иако подоцна имало многу скршени ветувања и авторитарен режим, сепак тие веруваат во демократијата, се борат велејќи дека Алжир е демократска република, а не кралство, и подготвени се на нивниот претседател да не му дозволат да го добие петтиот мандат. Овие демонстрации се случуваат во 2019 година и иако не ги решија проблемите, сепак, успеја во намерата претседателот да се откаже од барањето нов мандат.
Неверојатен е начинот на кој таа е понесена од целата атмосфера и од вербата дека народот е на правиот пат и дека мора да бидат храбри и упорни, да истраат. Во тие моменти се потсетува Нарџес на времето кога растела кое, всушност, било одбележано од т.н. црна декада, кога од страна на исламистичките групи биле убиени многу цивили. Состојбата била ужасна, исчезнувале цели фамилии, но сега во овој народ што го гледаме на улиците ја чувствуваме надежта, го осеќаме еланот со кои ги пеат песните, го гледаме другарството, поддршката и очекувањата дека подобри времиња за младите во Алжир мора да дојдат. Да, тие се силата која ќе ги донесе промените, тие се оние кои треба да ја преземат власта, како што вели една мајка, крајно време е возрасните да им ги отстапат местата на младите.

Режисерот Карим Аинуз и Нарџес Ашли

Нема страв, но боли немоќта

Но, кога се стемнува и кога еуфоријата се стишува го слушате разговорот на Нарџес со нејзината мајка, додека не може да ги сопре солзите, кога ќе превлада чувството на неизвесност и страв, но не толку за себе, колку за нејзините пријатели со кои секоја вечер се слушаат за да видат дали се на број, дали се добри, дали некој е повреден или уапсен, дали некој е исчезнат. Не, нема кај нив страв, но има немоќ, има болка од таа состојба која трае, има чувство на безизлез, на пониженост затоа што со ништо не сте го заслужиле она што ви се случува. По разговорот со нејзините пријатели и итањето на местото на закажаната средба, Нарџес почнува да ја рецитира нивната песна која зборува токму за подготвеноста да ги чуваат вистинските вредности, за подготвеноста да ја бараат слободата, да се борат за сето она што им ја носи суштественоста во нивното живеење. Таа е членка и на аматерски театар, каде што во сите тие услови ја подготвуваат претставата наречена „Слобода“, покажувајќи ја спремноста на новите генерации да ја продолжат борбата на нивните родители, да го сочуваат сето она што ги дефинира, сето она за кое вреди да се живее и да се умре.
Не, Нарџес не сака да живее на друго место, тоа е нејзината земја, нејзиниот народ, нејзината сегашност и историја, тоа се истите оние чија судбина е толку длабоко поврзана и чии корени ви го даваат значењето, потрагата, болката и суштината без кои нештата го губат своето лице. Тие корени се оние кои ве држат цврсто на земја, тие корени се оние што ви ја даваат силата, насоката, храброста, тие корени ви ја даваат дефинираноста за тоа каде припаѓате, за она чувство без кое треперите како лист на ветрот. Токму затоа тие млади луѓе не заминуваат, дури и не спијат, нивната борба, нивното заедништво, нивната грижа едни за други продолжува, без оглед дали се на улиците или не.

Посветено на своите предци

Тие се свесни дека работите нема туку така да исчезнат, дека ништо нема да се реши преку ноќ, тие се свесни за своите жртви, свесни се за неизвесноста и несигурноста, свесни се дека тоа е оној вид на борба која можеби и никогаш не завршува, но секако придонесува работите да се движат. Овој филм не случајно авторот го посветува на својот дедо, не случајно го исцртува овој мост, оваа борба која се прелева, не случајно умее толку добро да ја фати атмосферата и да ви предизвика трпки по телото. Иако во филмот нема никакво насилство, тоа се чувствува во воздухот, го читате меѓу редови, тоа е атмосфера на страв и исчекување, атмосфера која го покажува целиот полет и подготвеност во борбата, но и целиот чемер и болка поради утрешнината.

„Нарџес А.“ е одличен филм, посветен на оние луѓе кои не можат да уживаат во својата младост, на оние луѓе кои и покрај борбата на нивните дедовци, повторно мораат да ги бараат истите тие права и слободи, кои мораат да се борат за истите причини, кои мораат повторно и повторно да ги бараат истите вредности, за да можат да го задржат тоа што го носат во себе, тоа што ги одредува. „Нарџес А.“ е приказна за сите млади во целиот свет кои се обидуваат да живеат и да ја најдат смислата на своето постоење, но кои за жал, сè уште мораат да се борат за базичните права, за воопшто да тргнат на тоа толку посакувано животно патешествие, кое по редот на нештата би требало да им следува и да им донесе предизвик, а не тага, борба и страв соочени со прашањата за опстанокот. Како својот, како на својата фамилија, така и на својата земја, бидејќи факт е дека не е исто каде сте, корените и припадноста се нешто сосем друго, без нив не можете да ја задржите целината. Барем не онаа во која се препознавате, во која чувството е поинакво и која умее да го донесе мирот и спокојот во сите животни премрежиња и искушенија.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.