„Кога јагнињата ќе стивнат“, режија: Џонатан Деми, сценарио: Тед Тели, улоги: Ентони Хопкинс, Џоди Фостер, Скот Глен, Ентони Хелд, Тед Левин, фотографија: Так Фуџимото, монтажа: Грег Мекеј, САД 1991

ФИЛМ+КЛАСИКА

Да се биде опседнат со луѓето, сликите и музиката, да се преферираат звуците на животот, не значи само да се сака животот, туку да се прифати и смртта, како негов составен дел. Ханибал Лектор не ја почитува просечноста, а ја презира глупоста. Неговото уживање во разоткривањето на потсвеста му носи такво задоволство, кога единствено е подготвен да направи дил за да спаси живот. Тој ги тера луѓето да се чувствуваат непријатно, не заради него, туку заради себе и неговата бескомпромисност да ги соочи со нивниот страв, поради кој стануваат она што не се

Пишува: Сунчица Уневска

Свеста и потсвеста, во едно непречено функционирање на човечкиот организам, навидум секогаш се помирени. Меѓутоа, иако свеста се обидува да ги направи мотивите оправдани, логични, последователни, природни, не успева секогаш да нè заштити од сопствената потсвест. Потсвеста, која како притаена лавина чека вистински момент, додека невидливо управува со нашиот живот, да се урне и да нè затрупа, односно да го испреврти воспоставениот ред. Понирањето во сопствената потсвест внесува забуна пред соочувањето со нешто што одамна е потиснато со цел да се заборави, потсетувајќи на една, можеби детска беспомошност, која е болна токму поради својата немоќ.

Затоа, доктор Ханибал Лектор, иако манијакален убиец и канибалист, стравот и нелагодноста ги предизвикува повеќе како генијален психијатар, како некој што сака да ја извади туѓата душа, да ја соголи и со неа да манипулира. Кларис Стерлинг, како агентка на ФБИ, исправена пред можноста да спаси една девојка од рацете на серискиот, грозоморен убиец, му дозволува на Лектор да ја сецира нејзината внатрешност, подготвена да се соочи со својата болна неуспешност во детството, надевајќи се дека така ќе успее да се ослободи и од своите кошмарни соништа. Од кошмарот што ја гони да не отстапи дури и во средбата со смртта, кој ја покренува целата нејзина храброст, интелигенција и интуиција пред фасцинантните инсинуации (за убиецот) на Лектор, кој пак и ги нуди за возврат за нејзината душа.

Неможноста на многумина агенти и доктори да се соочат со најдлабоката вистина за себе, доведува до неуспешност во воспоставувањето комуникација со овој брилијантен психијатар, кој не ја почитува просечноста, а ја презира глупоста. Бидејќи, не е воопшто лесно да го поднесете неговиот лик кој оддава непоколеблива извесност дека ќе победи, дека ќе доминира, дека ќе владее со нечиј живот, кој всушност не сака да го управува, туку да го уништи. Неговиот студен израз без топлина, без сочуствување, немилосрдноста и нечовечноста што ги изразуваат неговите очи, а кои непогрешливо предизвикуваат страв, бегство, неудобност, отпор, ги одвратија сите затоа што неговата моќ да ги прочита е запрепастувачка.

Некако, прашањето за деструкцијата и генијалноста се наметнува само по себе. Дали деструкцијата е можеби логична последица на генијалноста кај бескомпромисниот Ханибал Лектор? Дали неговиот презир и прифаќањето на своите наклоности како нормални и единствено можни, со што ги деградира нашите морални сфаќања, ја оправдуваат деструкцијата? Можно ли е таа како отпор спрема бескрупулозноста на амбициозните, како отпор спрема неискреноста и спрема болниот ум добро спакуван (доктор Чилтон), да се доживее како нормална последица? Може ли да се прифати деструкцијата, па дури и кога е нечиј единствен познат начин на живеење?

Симпатијата која ја буди Лектор со својата учтивост и принципиелност, со својата оправдана иронија спрема „бедниците“, придонесува на моменти да се заборави ужасот со кој сме соочени уште од самиот почеток, кој иако како визија не е претставен, толку впечатливо е сугериран. Импресијата пред неговата автентична деструкција, пред таа осакатена генијалност, пред опсесивниот перфекционизам, нè доведуваат до една психологија на интензивно задоволство во допир со смртта, до сатисфакција од нанесување болка, до психологија која може да биде жестока казна за човечката несовршеност, наспроти нејзината светла страна. Кога таа може да биде основа за успех, за амбиција, за темелност, за едно совршено течење, а во согласност или наспроти сопствената потсвест, но во секој случај рамноправна со неа.

Деструкцијата која означува уништување, разорување, која е спротивност на животот, која е проклетство, заедно со присуството на двата психички монструма и пренагласеното насилство, од овој филм, пред сè, прават хорор-трилер. Користењето на психолошката подлога за деструкцијата не го намалува нејзиниот ужас; разбирањето на причините на тие ликови, чија психичка рамнотежа е нарушена, чија ориентација е пренасочена, кои некаде го загубиле сопственото чувство за идентитет, а со самото тоа и способноста за дејствување, не ја оправдува омразата спрема животот, не ја прави ни логична ниту природена, ниту заедничка на сите тие луѓе. Повредата на сопственото его и сопствениот кошмар не го оправдуваат садизмот, особено не кога е повторување на состојбата од која тој самиот сака да се ослободи.

Психологијата како животна алка останува само бледо експозе во сиот тој ужас, ужас даден сам по себе, ужас кој виси во воздухот бидејќи никаква психолошка основа не го оправдува. Неправедно, психологијата добива место на аутсајдер, кој е тука за да постои хоророт, за да постои суровоста, таа станува жртва за успешноста на истрагата. Екстремноста на ужасот потсетува на фантазија, неговата разорна моќ одбива, плаши, преовладува, наметнува морални дилеми. Користејќи ја бескрајната човечка фасцинација од грозните приказни, филмот станува игра која е атрактивна, која возбудува, која држи во напнатост и во неизвесност, не само со сите морбидни околности, не само со морбидниот вовед во филмот, туку и со неговиот крај, со ужасот кој продолжува, чија вонременост му дава континуитет. Како на хоророт предизвикан од деструктивната моќ, така и на психолошкиот, субјективен и колективен хорор.


Големината на филмот, сепак, апстрахирајќи ја доминантната деструкција, лежи во психологијата, во тензијата, во дијалозите кои ја откриваат правата вистина, дека детската пречувствителност соочена со немоќ, соочена со беспомошност, притеснета да се согласи со нешто што се противи на нејзиниот разум и чувства, може да создаде психички инвалиди, може да внесе страв, страв како неможност да се одговори на животните задачи. Тоа болно чувство од неспособноста да се дејствува, од спреченоста да се изрази, да се оствари, од неостварливата желба да се биде успешен, создава агресија како начин за ослободување од него. Безизлезноста го гони човекот да стори сè за да не се чувствува изгубен, да стори сè со една цел – да преживее.

Фасцинантната психологија наспроти ужасната деструкција; извонредните артистички креации на врвните актери, Ентони Хопкинс и Џоди Фостер, во кои доаѓа до израз нивната комплетна уметничка зрелост; суптилната опсесија со звуците на животот на режисерот Џонатан Деми, која на прв поглед звучи иронично, но не е; опсесијата со живот и опсесијата со смрт, кои се спротивставени во овој филм и кои ги доловуваат звуците на животот во неискусната решителност да не се отстапи пред смртта; придонесоа овој филм сосем оправдано да триумфира на „оскарите“ во 1992 година, но и да направи таков импакт кој се памети и денес.


Најдобриот филмски негативец и хероина на сите времиња

Поминаа 30 години од филмот на Џонатан Деми, „Кога јагнињата ќе стивнат“, направен според истоимениот роман на Томас Харис. И покрај тоа што на истата тема се направени повеќе филмови и серии, сепак, се чини, дека оваа верзија од 1991 година, која понесе седум номинации за „Оскар“, а освои пет, останува ненадмината. Има во неа навистина извонреден баланс на страшното, на интелигенцијата, на играта со потсвеста, на глумата и на тоа до кои граници може да се оди, за филмот да биде застрашувачки, а сепак да може да се гледа, бидејќи повеќе навестува отколку што прикажува. Не случајно филмот се наоѓа на 7. место на листата на сто најстравични филмови, а Американскиот филмски институт ги прогласи Ханибал Лектор за најдобар филмски негативец на сите времиња, а Кларис Стерлинг за најдобра филмска хероина. Неспорен факт е дека во тоа најмногу придонесоа Ентони Хопкинс и Џоди Фостер кои во овие ликови не го гледаа само застрашувачкото, туку многу повеќе генијалната игра со човечката природа. Затоа и создадоа своевидени парадигми кои импресионираат и денес.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.