Зошто „Граѓанинот Кеjн“ е наjдобриот филм на сите времиња? Можеби затоа што критичарите во филмот можат да видат нешто кое многумина не би го виделе

ФИЛМ+ИДНИНАТА НА ДВИЖЕЧКИТЕ СИЛИ (2)

Мона Лиза е во Лувр, но Мона Лиза е и на гугл. „Ирецот“ својата премиера ја имаше на „Нетфликс“ пред да ја има во киносала. Ова се мали промени во нашата перцепција, но за самиот филм, кога за момент би отишле во иднината и би погледнале ретроспективно, би биле многу револуционерни и дефинирачки

Пишува: Кирил Дончов

Кратка приказна со Сидовски

На една филмска дискусија, додека го гледавме култниот документарен филм „Нанук од Северот“ (Nanook of the North) од Роберт Флаерти, кој се смета за првиот комерцијално успешен долгометражен докментарец во историјата на кинематографијата, професорот Стефан Сидовски забележа дека џебното кино во МКЦ не е соодветно за да го долови златниот пресек, кој на старите проектори би ја сменил нашата перцепција за она што го гледаме. Во тој миг сфатив дека дигитализацијата многу радикално го менува доживувањето кое можеби јас веќе нема да можам да го доживеам, бидејќи времето во кое гледам филмови е видоизменето од она време кога ги гледал професорот. Дали ние тогаш за истиот филм имаме различни искуства? Истото го напомена и кога после неколку недели гледавме филм од Куросава. Го прашав за неговото искуство со тој т.н. стар вид на кино, но тешко беше да сфатам за какво филмско естетско и возвишено чувство зборува, бидејќи поимањето на аудио-визуелниот момент сосема е сменето, со други зборови, разговарав со човек за кој гледањето филмови на телефон или лаптоп едноставно не би претставувало гледање филм.

Тензијата: носталгија – прогрес

Според мене филмот денеска, како и многу други работи во ова постојано време на забрзување или т.н. инстант-време, е во тензија помеѓу своето славно време, по кое некои се носталгични и технолошкиот прогрес, што не можеме да го занемариме во усовршувањето на медиумот. Теоријата на забрзување (acceleration theory) според која времето го доживуваме компресирано, многу се аплицира и во нашето доживување и консумирање на уметноста. Мона Лиза е во Лувр, но Мона Лиза е и на гугл. „Ирецот“ својата премиера ја имаше на „Нетфликс“ пред да ја има во киносала. Ова се мали промени во нашата перцепција, но за самиот филм, кога за момент би отишле во иднината и би погледнале ретроспективно, би биле многу револуционерни и дефинирачки. Носталгијата нè учи дека филмот се создавал и консумирал на различен начин од денеска. Тоа искуство е неповторливо, но и нашето стриминг-искуство е непоимливо за некој како Флаерти. Едноставно е, прогресот менува сѐ.

„Нанук од Северот“ од Роберт Флаерти се смета за првиот комерциjално успешен долгометражен докментарец во историjата на кинематографиjата

Филмска постмодерна

Филмската критика влегува во интердисциплинарните полиња и го соочува филмот со сите општествени, мисловни и историски процеси. Сепак, филмот е чедо на совремието. Тој често бил и политички, филозофски, социјален. Таа димензија на филмот би нѝ помогнала да ја видиме подлабоко кризата, што сметам дека се одвива во моментов за дефинирање или редефинирање на седмата уметност. Мора да прифатиме дека живееме на маргините на нешто што се нарекува културолошка постмодерна, а филмот е сам по себе модернистички продукт. Тој е спој на технолошкиот развој и прогрес, помешан со уметничката жед на авангардата од 20 век да наоѓа нови изрази, кои апсолутно нѝ го обликуваат и умот за тоа како таа епоха одговорила на своите генерациски предизвици.
Пред неколку броја на Филм+ споменав дека авангардата, исто така, е проблематичен поим, кој денеска речиси и да го нема. Иднината на филмот и на ова што сега го полемизираме, нужно е врзана со некои од тие согледувања, иако со фокус на Македонија, сепак можеме да кажеме дека авангардата, воопшто, е изморена. Заборавена во повторното враќање на постмодерната. Пробивот на уметноста денеска е директно поврзан со тоа дека таа самата себе се има ограничено преку завлегување во долгите репетиции на честите постмодерни пароли. Пастишот, јазикот, неоригиналноста.

Како да гледаме филм?

Постмодерната, сепак, не може да нè ограничи да поставиме едно многу клучно прашање, кое според мене дава одговор на она што го започнав во овој втор дел во поглед на тоа кон што оди филмот. За да читаме, мора да научиме азбука, но не само азбука, туку и граматика, па после и изразни средства, метафори, алегории. Како и книгите, така и филмот си има своја азбука. Пред некое време гледав излагање од еден филмски блогер, каде што објаснуваше зошто „Граѓанинот Кејн“ за многумина е најдобриот филм на сите времиња. Тој зборуваше дека за да се дојде до таков заклучок клучно е што некои луѓе, во случајов критичари, во филмот можат да видат нешто кое многумина не би го виделе. А преку нивното гледање, се зголемува и збогатува искуството и за сите други гледачи, во однос на тоа како да се учиме да ги гледаме филмовите. Иднината на движечките слики лежи во рацете и на оние кои ќе научат како се гледа филм, а не само да се гледа. За ова повеќе во третиот дел од оваа полемика.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.