ЕКСКЛУЗИВНО СО НОВАТА ХОЛИВУДСКА ЅВЕЗДА
Младата актерка, Маргарет Квали, со филмовите „Беше еднаш во Холивуд“ на Квентин Тарантино и „Мојата година со Селинџер“, кој го отвори минатогодишниот Берлински филмски фестивал, многу брзо зазема видно место на светската филмска сцена
Наш специјален известувач
Вук Перовиќ
Маргарет Квали доаѓа од филмско семејство. Нејзина мајка е познатата актерка, Енди Мекдауел, а таа долги години се занимава со балет. Дека има талент покажа во серијата „The Leftovers“ од 2015 година, но соработката со Тарантино во неговиот филм „Беше еднаш во Холивуд“ (2019) и сега веќе култното возење во кадар со Бред Пит, ја ставија во центарот на вниманието.
По таа славна соработка, имаше прилика да го дели филмското платно со уште една филмска икона – Сигурни Вивер. Филмот „Мојата година со Селинџер“ (2020) е работен по книгата на Џоана Ракоф, која била асистентка во издавачката куќа и била задолжена за писмата на обожавателите на славниот, но доста некомуникативен писател, Џеј Ди Селинџер, автор на влијателниот роман „Ловец во жито“. Режисер е канадскиот автор, Филип Фаларду, познат по наградуваниот филм „Господин Лазар“, додека Сигурни Вивер во филмот ја игра Маргарет, менторката на младата Џоана Ракоф.
„Бев многу возбудена што ќе работам со Сигурни Вивер. Нејзин голем фан сум. Доволно е да го споменам ‘Осмиот патник’… Нема што да се додаде. Џоана се угледува на Маргарет, а јас се угледував на Сигурни Вивер. Така што, во филмот само го реплициравме вистинскиот живот на некој начин“, раскажува Маргарет Квали во разговорот за ФИЛМ+.
Филмот е заснован на вистински настани, а Квали ја игра авторката на книгата. Не бев во можност да ја запознаам пред снимањето, но секако, ја прочитав книгата. Во книгата таа е многу ранлива и отворена и имав впечаток дека ја познавам, иако никогаш ја немав сретнато. Беше интересно искуство да се игра вистинска личност, која всушност не е многу позната. Позната е во книжевниот свет, но никој не би ја препознал на улиците на Менхетен. Тоа, на некој начин, беше најдоброто од двата света. Имав доволно информации за неа, но го немав притисокот да морам да изгледам и да звучам како неа“, објаснува Квали. Многу интересна работа во филмот е што Џоана Ракоф, иако е вљубена во литературата, всушност, никогаш не прочитала ништо од она што го напишал Селинџер.
Од друга страна, пак, Маргарет го сака Селинџер. „Мислам дека многу возбудлив момент во филмот е кога Џоана ќе почне да одговара на прашањата на фановите на Селинџер. Одговарајќи на нив и прифаќајќи го неговиот поглед на работите, таа го пронаоѓа и својот глас, иако во исто време фановите ги советува на прилично арогантен начин. На крајот, таа е многу благодарна за тоа искуство и сфаќа дека, сепак, не знае сè и дека има уште многу што да научи. А дефинитивно, така се чувствувам и јас, дека имам уште многу да учам“, смета оваа прекрасна млада актерка.
Комуникацијата со обожавателите на делата на Селинџер е дел од работата со која Џоана се занимава, но таа не е подготвена да ги следи правилата на компанијата кога комуницира со читателите на книгите на големиот писател. Квали сосема ја разбира таа потреба на ликот што го толкува.
„Сите тие фанови се трудат да стапат во контакт со Селинџер и на тој начин стануваат многу ранливи. Се обидуваат да ги поврзат своите емоции со неговите и да слушнат нешто од авторот на кого толку му се восхитуваат. Тие писма се многу трогателни. И токму затоа можам да ја разберам таа емпатија и желба да им се даде нешто повеќе од официјално – благодарам.“
Филмот зборува за тоа колку е важно да се имаат соништа и да се верува во себе, а комуникацијата со Селинџер е нешто што ја обликува Џоана. Писателот во еден момент ѝ дава интересен совет: „Немојте да останете заглавени овде, вие сте поетеса, нели?“
„Мислам дека тоа е многу важен момент. Особено кога сè е многу неизвесно и кога треба некој да ве поттурне. А посебно кога таков совет доаѓа од некој како што е Селинџер, тоа е исклучително значајно“, истакнува Квали. Филмот „Мојата година со Селинџер“ се случува во средината на деведесеттите години на минатиот век, а младата актерка тогаш е и родена (1994). Враќањето во минатото за неа е интересно и поради костимите.
„Да, филмот се случува во средината на 1990-тите, но не би рекла дека костимите се рефлексија на тој период. Мислам, донекаде се, но костимографката, Патриша Мекнил, е многу стилизирана, па се чини дека дејствието се случува и некаде пред деведесеттите. Мислам дека беше намерно, за да се создаде тој носталгичен фактор во однос на издавачката индустрија. Сакаа да го постигнат тоа архаично чувство во рамките на деведесеттите“, нагласува Маргарет Квали, која наскоро ќе ја гледаме во серијата „Maid“, каде што игра заедно со својата мајка, Енди Мекдауел.
,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.