Светската здравствена организација (СЗО) објави дека ќе собере научници и експерти од повеќе области за борба против дезинформациите, релативно нова закана за јавното здравство.
Математичари, информатичари, социолози, психолози, експерти за здравство и комуникација ќе бидат дел од проектот, објави СЗО, без да даде повеќе детали.
Соработката ќе се фокусира на нова област на истражување што СЗО ја нарекува „инфодемиологија“.
Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, предупреди на почетокот на пандемијата на „инфодемија“, наплив на информации, дезинформации и вознемирувачки теории на заговор.
– Инфодемиологијата проучува како најдобро да се справиме со оваа закана. Без разлика дали се точни или неточни, прекумерното количество на информации може да има негативно влијание врз здравјето на луѓето, да го зголеми стресот и да ги поттикне да прифатат потенцијално опасен совет. Како никогаш до сега стана јасно дека комуникацијата е важна интервенција во јавното здравство што придонесува за контрола на пандемијата, заедно со епидемиологијата, вирологијата и клиничката пракса – велат од СЗО.
Организацијата предупреди дека нејасните и погрешни информации може да ја загрозат довербата во здравствените власти.