Од седум нови случаи кои денеска беа тестирани, кај петмина има позитивни резулатати на коронавирус, изјави вечерва министерот за здравство, Венко Филипче. Тој објасни дека се работи за четворица од Дебар, кои имале контакт со првите заболени од овој град и една пациентка од Скопје.
– Се работи за пациентка од Скопје, која е на возраст од 54 години, патувала од Холандија преку Виена и денеска се пријавила на преглед на Инфективната клиника. Се работи на пронаоѓање на сите 31 патник кои патувале со неа во авионот. Известен е возачот на такси возилото кој ја превезувал од аеродром до дома, како и сите нејзини домашни членови – рече Филипче.