Водачот на Исламска држава (ИД) Абу Бакр ел-Багдади (48) е убиен од американските специјални сили во рација врз неговото скривалиште во Сирија, соопшти претседателот на САД, Доналд Трамп, пренесоа светските медиуми.
Трамп кажа дека „беспрекорната“ операција била спроведена синоќа во областа Идлиб, која уште не е под контрола на сирискиот режим. На тој начин заврши осумгодишниот лов на еден од најбараните светски терористи.
– Американските сили за специјални операции спроведоа опасна и храбра ноќна рација во северозападна Сирија и ја завршија нивната мисија во грандиозен стил – кажа Трамп, додавајќи дека лидерот на ИД умрел „бегајќи во безизлезен тунел, цимолејќи и плачејќи“.
Багдади активирал самоубиствен појас, убивајќи се себеси и неговите три деца, според американскиот претседател.
– Тој умре како пес, како страшливец. Светот сега е многу побезбедно место – истакна Трамп.
Потрагата по лидерот на ИД се засили во текот на изминатиот месец откако ирачките власти идентификуваа Сириец што учествуваше во преместувањето на семејството на Багдади од Ирак во Сирија. Информацијата беше проследена на ЦИА.
Багдади важеше за симбол на ИД, за беспрекорен идеолог, кој ги избегнуваше светските разузнавачки агенции додека водеше војна. Долго време се сметаше дека човекот за кој се нуди награда од 25 милиони долари се криеше долж ирачко-сириската граница. Тој ја предводеше Исламската држава уште од 2010 година, кога терористичката организација беше огранок на Ал каеда во Ирак.