Њузвик

Американската влада верува дека Русија испратила специјален воен тим за сајбер-безбедност во Венецуела, во обид да го поддржи претседателот Николас Мадуро кој се наоѓа под огромен притисок.

Два руски воени авиони со околу 100 припадници слетале во близина на главниот град Каракас во саботата. Според „Ројтерс“, американски претставници веруваат дека во тимот се вклучени и експерти по сајбер-безбедност.

Венецуела е заглавена во политичка криза со двајца претседатели. Мадуро, кој го наследи револуционерниот лидер Хуго Чавез по неговата смрт во 2013 година, победи на ланските претседателски избори покрај обвиненијата за нерегуларности, замолчувањето на критичарите и бојкотот на поголемиот дел од опозицијата.

Според ова, Мадуро е нелегитимен диктатор, а 35-годишниот Хуан Гуаидо, лидерот на опозициски контролираното народно собрание, ја искористи клаузулата во уставот за да се прогласи за привремен претседател, додека не се одржат новите избори.
САД заедно со дел од јужноамериканските и од европските држави го поддржаа Гуаидо со надеж дека нивниот притисок ќе биде доволен за да се собори корумпираниот и проблематичен режим на Мадуро, кој е обвинет за голем број на злоупотреби на човековите права.

Но Русија и Кина го поддржуваат Мадуро. Двете држави се главни инвеститори во венецуелската економија, а особено во огромните нафтени полиња. Венецуела исто така, е главен увозник на руското оружје, а двете држави ја зајакнаа воената соработка, и покрај зголемениот економски и дипломатски притисок од САД.

Што се однесува до Куба, Белата куќа го обвини режимот во Хавана дека ја поддржува владата на Мадуро. Според „Вашингтон пост“, САД сметаат дека има околу 25.000 припадници на кубанската војска што соработуваат со венецуелската армија и разузнавачките служби, па дури и личната гарда на Мадуро.

Американскиот Стејт Департмент го окарактеризира руското воено распоредување од минатиот викенд како „непромислена ескалација“ на тензичната состојба во Венецуела. Еден анонимен американски претставник изјави за „Ројтерс“ дека сè уште се прават проценки за контингентот, иако се смета дека е составен од специјални сили, па дури и „експерти за сајбер-безбедност“.

Венецуелската влада потврди дека слетале два авиони од Русија, со одобрување од Мадуро, но не даде повеќе детали околу екипажот, а не ја наведе ни причината за нивното распоредување.

„Ројтерс“ претпоставува дека тимот за сајбер-безбедност можеби има задача да ги следи елементите што се против Мадуро и да ја заштитува владината инфраструктура за сајбер-безбедност. Венецуела се справува со масовни прекини во снабдувањето со електрична енергија, за кои Мадуро обвинува дека се предизвикани од американски сајбер-напади.

Руското МНР изјави дека распоредувањето на „руски специјалци“ било во согласност со договорот за воено-техничка соработка склучен меѓу двете држави.

Државниот секретар Мајк Помпео го предупреди рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, во понеделникот, дека Вашингтон „нема да стои настрана додека Русија ги влошува тензиите во Венецуела“. Советникот за национална безбедност Џон Болтон објави на Твитер дека САД „нема да толерираат мешање на непријателски странски воени сили во рамки на Западната хемисфера“.

Русија, исто така, ги обвини САД за мешањето во Венецуела со цел за поттикнување државен удар против Мадуро. Во вторникот, портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, порача дека американскиот притисок нема да го промени ставот на Москва за Венецуела.

Портпаролот на кинеското МНР, Генг Шуанг, изјави на брифингот за новинарите дека „државите во Западната хемисфера, вклучувајќи ги и латиноамериканските држави, се суверени држави“, па така „имаат право да ја утврдат сопствената надворешна политика и самите ќе одлучуваат со кои држави ќе остварат заедничка соработка“.

Групата од Лима, односно збирот на латиноамерикански нации кои го поддржуваат Гуаидо, порача во вторникот дека осудува „секаква воена провокација или развој на настаните што го загрозува мирот и безбедноста во регионот“.

Народното собрание на Венецуела ќе побара од Гуаидо да „им нареди веднаш да заминат на оние кои незаконски влегле на територијата на Венецуела“, изјави опозицискиот политичар Елиезер Сирит на парламентарната седница, според руската државна новинска агенција „Тас“.

Подготвила: Билјана Здравковска