Добрите познавачи на состојбите во тајните на ДУИ оценуваат дека партијата е на историска раскрсница. За првпат е исправена пред дилемата дали да води борба за опстанок, да се заштити од распад или да бара нов пат до успехот применувајќи насилни методи за враќање на власт. Во тие околности се доведува во прашање и позицијата на врховниот поглавар, кој веќе не е добитна комбинација. Многу сигнали упатуваат на можноста А.А. да се збогува со партијата, да бара замена на нејзино чело, а тој политички да се пензионира, да добие само почесни титули и признанија, што, според мнозинското членство, секако дека ги заслужува. Али Ахмети и самиот знае дека не е она што беше до пред неколку месеци, не е веќе неприкосновен султан меѓу Албанците во Македонија. Можеби сѐ уште е на тронот, но подножјето му е речиси поткопано. Не е веќе најмоќниот човек во Република Северна Македонија, како што беше повеќе од една деценија, речиси до вчера
Демократската унија за интеграција на историска крстосница
На македонската политичка сцена едно од поинтересните случувања за кои се очекува да се појават во скоро време е дали Али Ахмети, неприкосновениот лидер на ДУИ (Демократската партија за интеграција), ќе замине од челното место на партијата.
Има повеќе моменти што укажуваат на таква разврска токму во време кога од седиштето во Мала Речица се најавуваат интензивни демонстрации и масовни протести што би воделе кон дестабилизација на државата. Тоа би бил излив предизвикан од незадоволството и лутината што партијата не стана дел од Владата по 20-годишно учество. Разгласите за таквите манифестации се обвиени со благ улог на закана за уривање на власта на ВМРО–ДПМНЕ.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, неколкупати повтори дека државата има сознанија за активности на ДУИ што водат кон дестабилизација на земјата. Истовремено со премиерот, неговиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски побрза да изјави, со нему својствен, емотивен речник, дека полицијата е подготвена во секое време да ги преземе сите дејствија за да се спречи таквата најавена дестабилизација.
Централното прашање е дали е можна дестабилизација преку протести, маршеви и некаква шарена револуција, копија на шарената на СДСМ од 2016 година, сега во организација на ДУИ, кога веќе се навестува дека лидерот го игра последното ризично оро пред неговото заминување.
ДУИ меѓу неуспехот и суровата реалност
ДУИ живее во тешка психоза од неуспехот на последните собраниски избори и од одлуката на победникот да не го прифати како коалициски партнер. На нејзините челници урнати им се како кула од карти амбициите да останат на власт, врзани им се рацете за земање големи тендерски и коруптивни пари и, што е најважно, оневозможени се да влијаат сериозно на натамошните текови на политичкиот и економскиот живот во државата.
Партијата, првпат по нејзиното формирање, е доведена во позиција на губитник, нешто на што не била навикната и што тешко го поднесува. Општите делови на неуспехот да останат на власт се дополнуваат со суровата реалност дека не е исто да се биде богат на власт, а сиромашен во опозиција, со внатрепартиската колективна разочараност, збунетост, посраменост, уплашеност и дезорганизираност, како и со меѓусебните обвинувања меѓу водечките кадри. Една од мачнотиите е и неможноста да се направи искрена критичка анализа каде се сторени киксовите и кои се виновниците за првиот изборен крах. Меѓусебниот страв и стравот од семоќниот калиф ја чува партијата од можниот брз слом.
На овие елементи може да се додаде и стравот од можноста за поднесување обвиненија за дел од највисокото раководство за кривични дела за кои се лежи со години. Се појавија низа информации дека во тој базен пливаат и делови од блиските роднини и пријатели на Ахмети, кои, наводно, стекнале големи богатства кршејќи ги законите и користејќи ги привилегиите на власта. Тука безусловно е и името на Артан Груби, десната рака на Ахмети, една не толку симпатизирана персона во широките партиски кругови.
Што ќе биде со Ахмети
Добрите познавачи на состојбите во тајните на ДУИ оценуваат дека партијата е на историска раскрсница. За првпат е исправена пред дилемата дали да води борба за опстанок, да се заштити од распад или да бара нов пат до успехот применувајќи насилни методи за враќање на власт. Во тие околности се доведува во прашање и позицијата на врховниот поглавар, кој веќе не е добитна комбинација.
Многу сигнали упатуваат на можноста А.А. да се збогува со партијата, да бара замена на нејзино чело, а тој политички да се пензионира, да добие само почесни титули и признанија, што, според мнозинското членство, секако дека ги заслужува. Али Ахмети и самиот знае дека не е она што беше до пред неколку месеци, не е веќе неприкосновен султан меѓу Албанците во Македонија. Можеби сѐ уште е на тронот, но подножјето му е речиси поткопано. Не е веќе најмоќниот човек во Република Северна Македонија, како што беше повеќе од една деценија, речиси до вчера.
Влен го надитри и го порази ДУИ
Се појави Влен (Вреди), здружена партија на Албанците, новиот сериозен политички фактор што ќе ги застапува интересите на албанската заедница. Големата вистина е што ДУИ не е поразена од македонските партии, ДУИ е совладана од својата опозиција, од своите поранешни сопартијци, кои ја претставија новата политичка опција што не е заснована на закани, ултиматуми и примена на сила. Влен се позиционира како поповолната алтернатива за општеството и државата, засега владее такво мислење.
Несомнено и шеесет и петгодишниот Ахмети е уморен од сето она што го работеше во текот на својата кариера. И кај него се чувствуваат замор на материјалот и идеолошка истрошеност по сите успеси што несомнено ги постигна. Момчето од Зајас, некогашен член на илегалната организација „Марксисти – ленинисти на Косово“, политички осуденик, па азилант во Швајцарија, стана командант на воената организација ОНА (УЧК) квалификувана и како терористичка организација што крена војна во Македонија и ја основа ДУИ. Ахмети ја симна униформата, но во партијата го задржа духот на УЧК изграден на национална идеологија за обесправеноста на Албанците на Балканот.
Курти против – Рама ниту за ниту против
Еден од клучните пресврти за губење на силата на најмоќниот Албанец се случи со неговите врски со косовските лидери. Го нема веќе пријателот и соборец Хашим Тачи, кој лежи во Хаг обвинет за воени злосторства, а со него се и другите другари, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи. Не е непознато дека и самиот Ахмети и неколкумина од неговата близина учествуваа во војната во Косово и дека биле сослушувани во врска со тоа учество. Секоја чест на борците – но се сменија времињата и условите.
Чергата на Ахмети му ја извлече од под нозе и новиот претседател на Владата на Косово, Албин Курти. Овој половина Косовец – половина Норвежанин (од кај ти е жената таму ти е родата) го понижи Ахмети застанувајќи цврсто во одбрана на позициите на Влен, отворено манифестирајќи дека завршило времето на ДУИ.
За разлика од Курти, албанскиот премиер Еди Рама одигра лицемерна улога примајќи го Ахмети во Тирана токму во предизборието, не ветувајќи отворена поддршка. Напуштен од нив, напуштен и од американската амбасада, како што велат некои, Ахмети е оставен на лична и партиска голгота.
Се растури поранешната екипа – се бараат нови играчи
Лидерот на ДУИ припаѓаше на составот политичари што ја одиграа својата улога на балканските стратегиски, политички, меѓунационални и соседски односи. Во политичката историја заминаа неговите колеги современици Зоран Заев, Алексис Ципрас, Бојко Борисов, содружници и соговорници на Ахмети кога се решаваа круцијалните прашања за Македонија. Ги имаше во скут, ги уценуваше кога ќе посакаше Бранко Црвенковски, Никола Груевски, особено Заев и Ковачевски. Следејќи ја политичката аналогија може да се верува дека Ахмети набрзо ќе се најде на тој, лажен визионерски, сега пензионерски список. Таа екипа на еден или на друг начин се растури, новите околности и задачи бараат нови играчи.
Во овој склоп секако дека се наметнува оцената дека Ахмети во ништо и со ништо не ги поддржа македонските мнозински ставови, не застана во одбрана на македонското национално прашање. Напротив, со негова помош, во соработка со политичките елити и со други служби од соседите, даде безусловна согласност за промена на името, ги поддржа сите ставови на Бугарија по прашањата за историјата, јазикот, писмото на македонскиот народ. Неговиот министер Бујар Османи ги потпиша протоколите со Бугарија, документи крајно неповолни за Македонците како мнозинско население во државата.
Губење на довербата кај меѓународниот фактор
На сето ова може да се додаде и уште еден исклучително важен фактор, тоа е западноевропскиот. Демократијата и Европа не трпат окрвавени раце. Тоа се покажа во сите случаи што се однесуваа на војните во поранешните југословенски републики. За нецели дваесет години политичката и кадровската сцена во овие републики се исчисти од сите лица што учествувале во воените операции. Само Република Македонија (сега Северна) остана во „сива зона“ без да расчисти докрај, правно и етички, со извршените воени злосторства од конфликтот во 2001 година.
Европските пораки кажуваат дека приказната не е завршена, тоа значи дека воени злосторства против цивилите се простуваат, но не се забораваат. Кога-тогаш мора да се расчистат. Македонија не може да биде исклучок од другите бивши југословенски републики, сега свои држави. Притоа покажуваат со прстот кон ДУИ и кон дел од неговите кадри на високи позиции.
Станува збор за случаите за воени злосторства против цивили извршени во 2001 година од учесници во паравоени формации. Тоа се предметите: „Мавровски работници“, „Водство на ОНА“, „Гробници во Непроштено“ (случај со 12-мина исчезнати и киднапирани лица во Тетовско и Кичевско), и „Липковска брана“ вршени од припадници на УЧК, односно ОНА.
Преведено на прост јазик, препораката што предизборно беше упатена значеше дека идната власт треба конечно да се ослободи од лица со окрвавени раце. Од оние што учествувале во војна, каде било и кога било, што имале командна или друга одговорност и што учествувале во воени дејствија во кои имало воени злосторства и цивилни жртви. Останувањето или влегувањето на таквите персони во новата власт би било продолжување на милитаризацијата и голем пораз за демократијата, за нормалниот цивилен развој на државата.
Треба да се признае дека Ахмети настојува, засега мудро и мирно да го релативизира поразот, да го одолжува процесот на демонтажа на партијата, да ја избегнува личната одговорност. Преку серија меки методи и говори ги смирува постепено страстите, го намалува интензитетот на лутината на оние што се чувствуваат поразени, напуштени и оштетени. Тоа е бавно, но сигурно атерирање за да не се случи партијата да влезе во меѓусебни жестоки, дури и милитантни пресметки и да се распадне мирно или во крв. Ако некој го познава експлозивниот дух на партијата, Ахмети го знае најмногу. Стравот од тој епилог ги држи сѐ уште будни, во таа насока, најверојатно, се и најавените демонстрации за наводната дестабилизација на државата.
Поуките од досегашните демонстрации, маршеви, протести што ги имаше во Македонија од денот на независноста до ден-денешен ни кажуваат дека тие, освен што ја матат водата, не решаваат ништо суштинско. Дури и „славната“ Шарена револуција во изведба на СДСМ и странските агентури до денес е енигма полна со контрадикторности што се сообразуваат со дилемата – дали беше корисна или крајно штетна.