Украинското население е во страв, а според странските медиуми луѓето масовно ги напуштаат домовите за да се спасат. Би-би-си пишува дека голем број луѓе го напуштаат главниот град на Украина, каде што се слушаат сирени, а улиците кон излезите од градот се пренатрупани. На телевизиските снимки се гледа како луѓето се молат на улица. Дописникот на „Гардијан“ пишува дека на улиците има малку луѓе, а пред банкоматите има огромни гужви. „Сообраќајот преку Северниот мост во Киев се движи кон запад, а во правец на исток нема автомобили“, пишува Си-ен-ен.
Украинци пристигнуваат во Полска заедно со деца и со куфери. Вообичаено мирниот граничен премин Медику, сега го преминаа неколку десетици граѓани.
Полски официјални лица изјавија дека засега нема поголем бегалски бран, но според локалните медиуми, како и очевидци, расте бројот на лица кои стигнуваат пеш.
Триесет и четиригодишниот Александар Бажанов побегнал од својот дом во источна Украина, заедно со сопругата и со малото дете. Со себе понеле само тоа што можеле да го носат, па пешачеле кон Полска.
Тој одлучил да тргне за Полска кога од колеги дознал дека војната почнала, пренесува МИА.
– Не чувствувам ништо друго, освен голем страв – појасни Бажанов на граничниот премин, околу 400 километри од Варшава.
Тој сака да го посети својот татко во Шпанија, но нема пари и не знае како ќе го направи замисленото.
Руските сили денеска почнаа специјални воени операции врз Украина, откако претседателот Владимир Путин го одобри тоа. Тој го нарече посебна воена операција на источниот дел од земјата.
Средноевропските земји, што ја делат границата со Украина, веќе со недели се припремаа за очекуваниот бегалски бран.
Граничниот премин Медика, најчесто се користи за прекугранично пазарање или за одење на работа.
– Сите мислеа дека западна Украина е сигурна, бидејќи е многу блиску до земји во ЕУ и НАТО – изјави 44-годишната Марија Палис, која пристигна со своето, како и семејството на нејзиниот брат.
Путин изјави дека ја одобрил воената операција, бидејќи смета дека Русија нема избор, туку да се брани од заканата од модерната Украина, демократска држава со 44 милиони жители, јавија медиумите.