Недостигот на тестови повторно е проблем и покрај ваквото искуство од минатата година. Наместо да чекаат со денови, тие се одлучуваат да платат и до 2.000 денари за ПЦР тестирање
Секојдневниот раст на бројот на болни со коронавирус ги повторува сликите од минатиот февруари и март, кога граѓаните беа принудени да плаќаат за тестирање во приватните лаборатории, зашто со денови не можат да дојдат до термин за тест во државното здравство.
Недостигот на тестови повторно е проблем и покрај ваквото искуство од минатата година. Наместо да чекаат со денови, граѓаните неретко одлучуваат да платат и до 2.000 денари за ПЦР-тестирање.
Матичните лекари кубурат со време за прегледи
Матични лекари алармираат дека има многу болни, што значи дека расте и потребата за тестирање на граѓаните. Симптоми имаат по цели семејства, а докторите не можат физички да постигнат да ги прегледаат сите.
Д-р Бојан Трајковски, матичен лекар кој работи и во домашна посета, вели дека според неговото искуство најголем број од тестовите пациентите ги прават во приватните лаборатории.
– Тешко е да се закаже термин за тестирање во јавно здравство. Понекогаш ќе се појави слободен термин, ама за три до пет дена. Но, кај некои пациенти нема да има поента тогаш да се тестираат, зашто ќе помине повеќе време – посочува тој.
Според него, 70 отсто од тестовите, граѓаните ги прават на приватно.
– Сега состојбата со ковид-пандемијата е иста како што беше лани во февруари или март. Генерално сега пациентите се со полесна клиничка слика, но со оглед на големата бројка на позитивни имаме проблем со нивното згрижување, прегледување. На пример, завчера имавме 43 нови пацинети позитивни на ковид-19. Треба да ги внесеме во системот, има бирократија која мора да ја спроведеме – вели д-р Трајковски.
Доктор објаснува дека за разлика од претходните варијанти, сега болните имале полесна клиничка слика, но според него високата бројка на заразени ќе донесе и зголемен број хоспитализации и смртни случаи.
– Во однос на дел од симптомите гледаме полесна клиничка слика за разлика од алфа- сојот, кој даваше драматични симптоми. Сега гледаме полесна форма, но главен проблем се бројките, а кадарот е тој и тука го гледам проблемот бидејќи овој бран ќе трае месец – месец и половина, ќе донесе и зголемен број хоспитализации, а со тоа и смртност – вели д-р Трајковски.
И матична докторка од Скопје ја потврдува сосотојбата со немање на термини за тестирање на државно.
– Во „Мој термин“ нема доволно термини да ги исполнат барањата на пациентите во овој период – посочуваа таа.
Здравствените установи сами одредуваат термини за тестирање
Од Министерството за здравство посочија дека не ја прават распределбата на термини за тестирање.
– Во зависност од тоа колкав е капацитетот на лабораториите, се одредува и бројот на термини кој ќе биде издаден за јавно здравствените установи. Во процесот на одредување на потребни термини за тестирање учествуваат Центрите за јавно здравје, како и самите Здравствени домови каде се спроведува тестирањето. ПЦР-тестови набавуваат самите јавни здравствени установи – соопштија од ресорното министерство.
За нови мерки ќе се одлучува наредните денови
Инаку здравствените власти одлучија да нема дополнителни мерки поради новогодишните празници, по што бројките на позитивни почнаа нагло да растат. Комисијата за заразни болести на завчерашниот состанок дискутираше за повеќе предлог мерки, за кои дополнително во наредните денови ќе се донесат одлуки и заклучоци.
– На Комисијата се разгледуваше предлогот за скратување на времето на изолација на позитивни од тестирани наковид кои се асимптоматски случаи. За овој предлог членовите ќе донесат одлука по дополнителна обемна дискусија која ќе следи во наредните денови-објаснуваат од Комисијата.
Бројот на активни случаи изнесува нешто над 12 илјади позитивни пациенти.