Селфи-фотографија на Хокинг направена со ДСЛР технологија вградена во неговиот лаптоп. На фотографијата е со неговата негувателка и со негови колеги, професори и соработници / Фото: hawking.org.uk

„Запомнете секогаш да гледате кон ѕвездите, а не кон своите стопала. Обидете се да го разберете она што го гледате, како и причините на настанување на универзумот. Бидете љубопитни и колку и да се ви се чини животот тежок, секогаш постои нешто што можете да го направите и да успеете во тоа. Важно е да не се откажуваме“

Подготви: Софија Саздовска

Стивен Хокинг бил англиски теориски физичар и космолог кој се смета за еден од најголемите умови на нашето време. Роден е на денешен ден во 1942 година, а почина во 2018 година. Неговата блескава кариера, но и, во најмала рака, неговиот бурен приватен живот, одсекогаш привлекуваа големо внимание на јавноста.

Кој беше Стивен Хокинг?

Неговата работа за природата на времето и просторот, како и неговите популарни научни книги не го направија познат само во домовите ширум светот, туку, благодарејќи на своите дела, доби бројни награди и признанија од научната заедница.
Еден од најзначајните придонеси на Хокинг за науката, е откритието до кое дошол заедно со колегата физичар Роџер Пенроуз. Ова научно откритие помогна да се реши парадоксот на црните дупки кој долго време ги збунувал физичарите, а подразбира дека црните дупки не се целосно црни, туку дека емитираат посебен вид на радијација која денес е позната како „Хокингова радијација“.

Фото: Пиксабеј

Љубовниот и семејниот живот на Хокинг

Хокинг е роден на 8 јануари 1942 година во Оксфорд и се школувал на Универзитетот во Оксфорд и Универзитетот во Кембриџ, каде што и докторирал.
Познатиот научник се женел два пати и имал три деца. Неговата прва сопруга е Џејн Вајлд, со која се оженил 1965 година и од овој брак има три наследници – два сина Роберт и Тимоти и ќерка Луси. Бракот помеѓу Стивен и Џејн траел три децении, а завршува со развод во 1995 година.
Две години по разводот, 1997 година познатиот научник повторно се оженл, овој пат со својата долгогодишна негователка, медицинската сестра Елејн Мејсон. Елејн станала негователка на Хокинг во 1991 година, кога преходниот медициски тим кој се грижел за неговото здравје го напуштил научникот заради несогласување со неговата прва жена, пишува „Дејли сабах“.
За време на вториот брак, кој трае десет години, помеѓу 1997 година до 2007 година, во медиумите имаше информации дека Елејн Мејсон била насилна кон Хокинг, но овие наводи никогаш не беа потврдени.
Она што сигурно се знае е дека Елејн била задолжена за физичката нега на Хокинг и за комуникација. Кога болеста напредувала научникот користел посебна техничка опрема која му овозможувала да комуницира и пишува, без разлика што неговата физичка подвижност веќе била ограничена.
Благодарение на оваа околност и исклучително напредната опрема која научникот ја користеше како помагало, тој беше потполно оспособен да пишува, но и да дава интервјуа иако неговата болест сериозно напредуваше. Стивен Хокинг почина на 14 март 2018 година, на 76-годишна возраст.

Фото: Пиксабеј

Книгите на Стивен Хокинг

Хокинг е автор на неколку популарни научни книги, меѓу кои се насловите како „Теорија на сè“, „Кратка историја на времето“, „Космосот во ореова лушпа“, но и бројни книги за деца.
Овие дела на познатиот физичар му овозможија да стане видлив во научната заедница, но и на пошироката јавност. Целта на секое дело е да им се приближат сложените и комплицирани научни концепти на децата и на возрасните, кои во текот на школувањето немале интензивен допир со природните науки.

„Теоријата за сè“ – е популарна научна книга која се бави со теориите кои ни го приближуваат космосот и неговата суштина. Основата на ова дело се крие во работата на Хокинг која се однесува на теоријата на поле, а која има за цел да ги објасни сите познати физички закони во единствена рамка. Главна идеја на авторот кога ја пишувал оваа книга била, на едноставен и разбирлив начин, да ги објасни сложените научни концепти на поединецот кој во текот на животот нема стекнато повеќе од основно познавање од областа на физиката. „Теоријата за сè“ набрзо по објавувањето стана бестселер и со текот на годините е преведена на повеќе од четириесет јазици и важи за една од најпродаваните книги од областа на науката.

„Кратка историја на времето“ – е единствено дело бидејќи се состои од вредни белешки и размислувања на Стивен Хокинг на темата за прогресот на науката во текот на претходните децении. Оваа книга денес се смета за едно од најзначајните остварувања од областа на популарната наука, а читателот го води на интересно патување низ црните дупки, кое е полно со возбуда. Осамените далечни галаксии и паралелните димензии се централни теми со кои Хокинг се бави во рамките на оваа книга со научна тематика.

„Космос во ореова лушпа“ – Како и во останатите популарни научни остварувања, настојувањето на Стивен Хокинг е и во ова дело да ги објасни научните постулати и теории на што поедноставен начин. Книгата „Космос во ореова лушпа“ се бави со прашања на космосот, теоријата на сè, но задира и во одредени религиски теми кои се однесуваат на објаснувањето на постанокот на светот, каков што денес го познаваме.

„Тајниот клуч на Џорџ за универумот“ – Меѓу остварувањата на Хокинг се издвојува книгата „Тајниот клуч на Џорџ за универзумот“ која ја напишал заедно со својата ќерка Луси. Ова е дело кое има за цел да го приближи космосот на најмладите. Главен лик на романот е момчето Џорџ кој во текот на потрагата за миленичето, залутал во дворот на соседот и тука го запознава соседот научник, кој со помош на таен клуч го води до Сончевиот систем, низ дожд од астероиди и набљудување на планетата од голема близина.

Најпознатите цитати

„Не се плашам од смртта, но и не ми се брза да умрам. Постојат многу работи кои би сакал да ги направам пред тоа“.
„Запомнете секогаш да гледате кон ѕвездите, а не кон своите стопала. Обидете се да го разберете она што го гледате, како и причините на настанување на универзумот. Бидете љубопитни и колку и да се ви се чини животот тежок, секогаш постои нешто што можете да го направите и да успеете во тоа. Важно е да не се откажуваме“.
„Луѓето нема да имаат време за тебе доколку си постојано лут и секогаш се жалиш“.
„Патувањето низ времето одсекогаш се сметало за научна фантастика, но генералната теорија за релативитет на Ајнштајн дозволува можност толку да го искривиме односот на времето и просторот, да стане можно да се лансираме во ракета и да се вратиме пред всушност и да тргнеме“.

Документарни филмови за животот и работата на Хокинг

Стивен Хокинг е тема на неколку документарни филмови од кои може да ги издвоиме „Кратка историја на времето“ од 1991 година, како и филмот „Хокинг“ од 2013 година. Филмот од 1991 година се бави со проблематиката со која се бави и книгата на Хокинг со ист наслов, додека филмот од 2013 година е посветен на анализата на животот и кариерата на научникот.

Стивен Хокинг за Бог

Во текот на долгогодишната кариера познатиот научник никогаш конкретно не се изјаснил за сопствените ставови кои се однесуваат на постоењето на Бог. Но, повеќе пати истакнувал дека законите на физиката се сосем погодни да го објаснат настанувањето на универзумот, како и неговата оддржливост.
На прашањето дали Бог навистина постои, во една прилика рекол дека смета дека науката не може да обезбеди одговор и дека прашањето за постоење на Бог се доведува во врска исклучиво со личните уверувања на поедниците.