СДСМ да се приклучи и да го поддржи јавно барањето на ВМРО-ДПМНЕ за одложена примена на уставните амандмани, односно запишувањето на Бугарите во Уставот. Тој потег би бил вистинскиот пресврт во нејзината македонска политика
Не е тешко да се даде денес објективна слика на партијата Социјалдемократски сојуз на Македонија. Во решавањето на дилемата дали СДСМ се наоѓа меѓу очајот и надежта или меѓу очајот и распадот, втората констатација би била поточна. Некогаш најсилната демократска партија на Македонија по дебаклот што го доживеа на последните собраниски избори во мај годинава е блиску до дното, ако не и неколку скалила подолу. Спуштена на маргините на политичкиот живот во државата, немоќна како опозиција, потценета и понижена од победникот ВМРО-ДПМНЕ, дискредитирана меѓу членството, таа е доведена до работ на бездната.
На последниот Конгрес, според дел од членството, однапред наместен и нелегитимен, новоизбраниот претседател Венко Филипче најави пресвртница во организацијата и во опозициското дејствување. Изрази надеж дека со нова борба партијата може да се врати на победнички патеки и да продолжи да ја гради иднината на Македонија.
Партијата да се извини за измамите на Зоран Заев
Како може да ја постигне таа цел, како може да се врати на политичката сцена, а по година-две да влезе во рамноправен натпревар со ВМРО-ДПМНЕ? Таа стартна линија може да ја обезбеди со неколку драстични одлуки и суштински, а не козметички измени. Шокантни измени и постапки што некого ќе го болат, но ќе бидат ефикасни и лековити.
Прво, раководството на партијата, претседателството и Централниот одбор да им се извинат јавно на граѓаните на Република Македонија (Северна) за несреќните државни одлуки што ги донесе нивниот поранешен претседател на владата, Зоран Заев. Да се извинат за неговите бесрамни измами во врска со името на државата, за неговите инсценирани скандали, за криминалот и корупцијата, за ограбувањето на државната каса заедно со коалицискиот партнер ДУИ. Долг е списокот што може да се допише и состави и како таков да биде доставен и достапен на јавноста.
Раководството треба да најде храброст да ја признае хаотичната улога на Заев во процесот на уништување на позициите на Социјалдемократскиот сојуз во македонската политика. И да се најдат сили да им се извини на членството, на симпатизерите, на гласачите, на злоупотребените луѓе во „бомбите“ од прислушувањето, на наивните измамени учесници во Шарената револуција. Како што Заев имаше сили да се извини за лошите постапки на своите претходници, тоа сега за Заев треба да го сторат неговите наследници. Без збогување со Заевите јавни и подземни политики СДС ќе тоне и натаму, никогаш нема да ја поврати довербата. Нема светла иднина на што залудно се надева.
Поддршка за ВМРО-ДПМНЕ – шок на политичката сцена
Второ, Социјалдемократскиот сојуз да направи „салтомортале“ по прашањето за принципите и постапките за почнување преговори со Европската Унија. Не да ги напушти определбите околу амбициите за влез во ЕУ, туку да ги ревидира позициите во македонска полза. Што значи тоа? Тоа значи СДСМ да се приклучи и да го поддржи јавно барањето на ВМРО-ДПМНЕ за одложена примена на уставните амандмани, односно запишувањето на Бугарите во Уставот. Тој потег би бил висинскиот пресврт во неговата македонска политика.
Не би значело доближување или подвладување на владината политика, туку поддршка на еден државен актуелен став проверен со масовна победа на избори.
Еден таков нов став, несомнено дека ќе ги засили позициите, не на владата, туку на Република Северна Македонија на меѓународен план, ќе манифестира потемелно единство во разговорите и преговорите. Тоа секако ќе ја подобри позицијата на Владата и на Мицкоски, но таа помош е помала во однос на државата, која ќе покаже дека мнозинството клучни политички партии имаат кохезивен став за едно од најважните, ако не и најважното прашање за иднината на државата.
Не треба да се заборави дека таквата политика е поддржана од мнозинскиот дел на гласачите што се потврди и на последните собраниски избори, па нема ништо лошо СДС да се доближи до неа. Со тој чин СДС ќе почне да ја игра улогата на фактор што го гради македонското национално единство, а не го урива, како што мисли дел од јавноста.
Не е соодветна споредба, но ако се знае дека Вреди, коалицискиот владин партнер од блокот на Албанците го поддржува ставот за одложени уставни измени, нонсенс е СДС да биде против. Долгото и упорно противење ќе биде уште едно сечење на ногата на која сака да застане меѓу гласачите и во политичкиот живот на Македонија. Ќе остане како риба на суво.
Платформа за евентуална лидерска средба
Макар и со недооформен предлог со таква содржина, со понуда за поддршка на уставните измени, СДСM може да го интензивира работењето на идејата за премиерот Христијан Мицкоски дополнително да ја разгледа и евентуално да ја прифати можноста за лидерска средба. Нема кој не знае дека политиките на поделби имаат краток рок на полза, но имаат долгорочни штети. Колку помалку поделби, толку подобро за граѓаните, нели? Од интерес на двете партии е да се почитуваат вредностите што обединуваат, а не што раздвојуваат.
Самата понуда ќе оди во прилог на стабилноста на државата, на смирување на тензиите, меѓумакедонски и меѓунационални, ќе ја покаже заедничката грижа за напредок. Исто така ќе обезбеди помирен тек на разговорите со странските ненаклонети фактори. А и тие ќе се однесуваат поинаку кога ќе видат дека Македонија има пошироко прифатен став и далеку посложна база што ги брани државните интереси. Нормална претпоставка е дека пред општоприфатениот став за одложено важење на уставните измени ќе се подзамисли и новата комесарка за проширување Марта Кос, која не ќе може да настапува ултимативно, како што го направи тоа недипломатски и без почит кон Македонија, при нејзината инаугурација.
Нема партија без патриотизам
Трето, да изнајде модел на идеологија што би била спој меѓу македонските интереси и европските стремежи. Изборните резултати покажаа дека досегашната програмска ориентација не финализира според очекувањата, не е прифатена од мнозинството гласачи. СДС не ќе може брзо да се врати по тотално изгубената доверба ако во своите статути, во своите програми, не ја нагласи заложбата за заштита на македонскиот национален идентитет, на историјата на македонскиот народ, неговиот јазик, писмо и културно-образовно наследство. Одбрана на својата нација никаде не се третира како национализам. Тоа, барем, е сосема јасно.
Сето она што на овие теми досега не го правеше, или го правеше срамежливо, во иднина ќе треба да го прави нагласено. Заштитата на историјата и на националните симболи се алфа и омега во политичките определби на сите западни демократски земји – од Америка¸ преку Германија и Франција, до Данска и Финска. Да не говориме за Романија и Бугарија, уште помалку за Грција и Турција.
Без посилно изразена македонистичка нота, без минимум химничност и без подзасилен патриотски глас, партијата тешко ќе се доближува до интересите и емоциите на поголемото гласачко тело. Движењето кон Европа е неспорна цел, но СДСМ не го најде разбирливиот јазик да ја објасни, да ја прифати и да ја спроведе таа цел на начин што нема да ги навредува чувствата на голем дел од македонските граѓани.
Ова не е време за поделби
Како дел од Европа и НАТО, учесник во случувањата на континентот каде што се води сурова војна, македонското општество се соочува со исклучително сериозни моменти, кои бараат од сите политички партии, институциите и од лидерите да покажат максимална одговорност и зрелост. Дијалогот, разбирањето и заедничката акција го градат патот што води напред. Време е да се обединат сите политички субјекти околу една јасна и едноставна порака: Македонија во Европската Унија, но без диктати, без загрозување на нејзиниот територијален, национален и културен идентитет. Истовремено посветена на реформите, мирот, демократијата, соживотот и почитувањето на различностите, задачи што водат кон прогрес и стабилен развој.
Ова не е време за поделби. Ова е време кога политиката треба да го покаже своето најдобро лице – лице што обединува, кое создава доверба и кое промовира единство. Граѓаните очекуваат од политичарите да бидат пример за смиреност, мудрост и посветеност кон заедничкото добро.
Задача на СДС е да го направи токму тоа ако не сака да остане подолго време надвор од влијанието во политичките процеси во земјата, да остане на другата страна од мнозинството граѓани. Таква партија никаде во светот не може да добие власт, освен насилно и шаренореволуционерно, се разбира.
Осврт: Загубениот идеолошко-политички компас на Социјалдемократскиот сојуз
Во најголемата опозициска социјалдемократска партија сѐ уште ништо не се менува. Ниту се чувствуваат промени што би ја вратиле партијата на своите изворни, фундаментални корени, од кои таа последнава деценија направи изразит отклон, изневерувајќи ја класата луѓе од кои извира, продавајќи ги идентитетските бесценети вредности на македонските инсигнии за кои народот со векови се стремеше, се бореше и гинеше и правејќи непринципиелни политичко-коалициски компромиси со кои длабоко се изневери и се предаде националниот и државен интерес, што силно сѐ уште се чувствува… Жално е што таму сѐ уште во заднина се препознаваат истите агенди во кои Македонија претрпи неподносливи идентитетски загуби, а придобивките останаа само како вербални декларации, а не реални и суштински… Р.Н.М.